вторник, 21 февруари 2017 | Вести денес: 57 ново

Работев и работам напорно и реалноста што ја живеам е наполно заслужена

Би сакал годинава, на успешен начин, да види виделина новиот проект над кој работам подолго време. Исто така, искрено посакувам Македонците да се мудри и да се освестат дека треба да ја следат патеката на природата на нормалното свесно човечко суштество, да имаат верба и самопочит, да се сплотат и да направат нешто добро за својот народ и за сите што живеат овде. Само малку недостига народов да биде посреќен, вели во интервју за „Република“ Трпчески

Нему му се поклонува целиот свет за неговите изведби, а тој е скромен и си посакува само здравје за себе и за семејството. Маестро Симон Трпчески е меѓународно истакнат македонски класичен пијанист и, веројатно, најдобриот македонски пијанист на сите времиња. Свирел со најдобрите светски оркестри, во најдобрите светски концертни сали, во животот одбил покана за концерт само кога требало да се роди неговата ќерка и вели дека тој што ја избрал оваа професија треба да е психофизички подготвен за предизвици. Нему целата опера во Хановер, станата на нозе, му ја отпеа „Среќен роденден“. Секаде е пречекан со овации и со долги аплаузи, а музичките критичари во светот за него имаат само пофални зборови.

Работев и работам напорно и сметам дека реалноста што ја живеам е наполно заслужена. Да, живеам реалност поинаква од таа што моето семејство можело и да ја замисли, а која сега и тоа ја живее, но најважната лекција и аманет од родителите што нисе оставени мене и на моите брат и сестра се: Цврсто да стоиме на земја и да не ги забораваме корените – вели Трпчески во интервју за неделникот „Република“. Нашиот национален уметник говори за тоа што му ја одбележи годината што изминува и што го очекува во следната, 2017 година.

 

simon-trpceski-kult226-2

Маестро Трпчески, на крајот на годината сме, декември е месец кога се прави резиме на изминатото и планови за следната година. Како Ви се чини, по убаво ли ќе ја паметите 2016 година?

ТРПЧЕСКИ: 2016 година ќе ја паметам по втората најубава работа што ми се случила во животот во последниот период, по нашата ќерка, а тоа е раѓањето на нашите близнаци, кои ни донесоа исклучителна радост дома, ни ги исполнија срцата, а најмногу ја израдуваа нивната сестричка на која ѝ беше ветено дека ќе си добие друштво. Ова беше уште поголемо изненадување така што сите бликаме од среќа. Јас сум трето дете во мојата фамилија, па оттаму ова е само бонус поради некакво искуство од претходно. Инаку, 2016 година беше полна со убави нешта, но, од друга страна, пак,и со турбуленции во одредени приватно-професионални чекори за одреден подолг период. Но, сѐ е за арно, за убаво, што вели народот, така што, како и секој човек, така и јас, ќе ја заокружам со убави чувства.

 

Имавте богата концертна агенда низ цел свет во 2016 година. Што би издвоиле посебно за оваа година?

ТРПЧЕСКИ: Секоја година си има свои обележја. Во животот на еден музичар убавото, и посебното, е тоа што поради природата на професијата, секоја година е исполнета со најубавиот јазик – музиката.Замислете, и покрај многуте премрежиња во животот што човек може да ги има, од разна природа, секој ден од секоја нова година на музичарот му е исполнет со музика. Макар тоа било и само во неговата глава, без свирење на инструмент. Да може, дури и парите, кои толку ја осиромашуваат човечката душа, би ја купиле оваа бесценетост.Но, за среќа, тука не се моќни. Оттаму, кога би морал да ги одвојам дијамантите од златото оваа година, тогаш тоа би биле неколку работи: Посетата на Атланта и на Ванкувер во јануари, при што имав можност на денот меѓу концертите да скијам во прекрасната природа на Ванкувер. Потоа снимањето на новиот албум со музика на Прокофјев заедно со Кралскиот оркестар на Ливерпул и диригентот Васили Петренко, турнејата низ Велика Британија со Филхармонијата на Осло, настапите со Гијанандреа Нозеда во Мадрид и во Лондон, прекрасниот прием од Македонците при настапите со симфонискиот оркестар на Детроит, турнеите со оркестрите на Хелсинки и на Стокхолм во Финска, Шпанија, Шведска и во Холандија, повторната дружба со Бетовен во Англија,Норвешка и во Словенија, пеењето на „Среќен роденден“ од страна на целата опера во Хановер станата на нозе, бомбастичниот Рахманинов 3 во Концертгебау во Амстердам, концертите во Барселона, како и дружбата со „Шехерезада” на Римски Корсаков, која ретко се изведувана пијано, во Охрид и во Англија.

Годинава ја завршувам со концерт на Свети Никола со Симфонискиот оркестар на Португалија во Лисабон. Пред новогодишните празници ќе споделам убава енергија со помладите колеги пијанисти за време на семинарот во Љубљана.

 

Пред која публика не можете да останете рамнодушен? Има ли нешто што посебно Ве понесува кога свирите?Ги чувствувате ли вибрациите од публиката?

ТРПЧЕСКИ: Човек се предава на музиката, која сама по себе ги создава емоциите. Емоциите се различни, во согласност со различниот карактер на делото што се свири, кое само во себе има различна приказна. Тоа треба да е главната содржина на еден јавен настап бидејќи тоа е постоењето на музичарот.Се разбира, има моменти кога сум свесен за тоа што се случува во публиката – дали е тоа кашлање, шепкање, шушкање, отворање бонбончиња, ѕвонење телефон – или комплетна тишина во која се чини дека таа воопшто не дише.

Убаво е кога ќе се види насмевката на публиката што е показател за задоволството од тоа што уметникот го споделува со неа.

Јас не ја делам публиката. Различна е во разни места, со различен естаблишмент на луѓе, но на крајот е секогаш еднаква за уметникот. Таа дошла да ме удостои и покажала почит и кон мене и кон музиката како вонвременска димензија. Така што јас секогаш навлегувам со апсолутно задоволство, чувство на одговорност, како и почит кон публиката на секој настап.

simon-trpceski-kult226-3

Календарот за настапи за крајот на оваа и за следната сезона е полн. Се случило ли никогаш да не можете да го одржите закажаниот концерт? Можеби поради болест или нешто слично? Сте одбиле ни никогаш покана за концерт во животот?

ТРПЧЕСКИ: Добро прашање. Неодамна заменив тројца колеги, кои од здравствени причини не можеа да настапат. Јас можев да го вметнам тоа во мојот распоред, за среќа. Човек секогаш треба да се труди да биде подготвен.Во животов одбив покана за концерти само кога требаше ќерка ми да дојде на овој свет.Тоа беше наше прво дете и јас сакав да бидам покрај сопругата иако таа не инсистираше знаејќи го значењето на концертите. За среќа, мене ме служи здравјето и досега не се случило да откажам настап поради болест. Пред неколку години се повлеков од концертите во Велспоради организациска непрофесионална дискоординација и преголемо его на диригентот. Годинава откажав една проба поради тоа што сакав да ѝпомогнам на сопругата во текот на бременоста, но отидов на генералната проба и истиот ден свирев на концерт, што е, исто така, карактеристика на големите уметници.

Како и во секоја друга професија, колегијалноста мора да биде на високо ниво и сите треба да се трудиме да се разбереме и да си помогнеме. Најчестата причина за откажување е болеста. Во одредени случаи и каприци, се разбира. Луѓето имаат различен карактер. Но, јас сум професионалец и секогаш ќе останам таков.

 

Британскиот дневен весник „Гардијан“ Ви додели максимални пет ѕвездички за Вашиот најнов компактен диск. Дали реалноста што ја живеете е таа што ја посакувавте кога ја почнувавте кариерата?

ТРПЧЕСКИ: Секогаш е убаво да се прочита позитивна мисла за тоа што го работи човек професионално и на кое се посветува максимално, а што се гледа и од самите резултати. Јас кога почнував се замислував како свирам во некоја голема сала, било сам или со оркестар, затоа што сум од мала земја во која таквото ниво на услови не било достапно. И нормално е млад човек да си фантазира кога има можност да го гледа тоа на телевизија или на фотографии.Тоа е здраво. Но, јас не си ја окупирав главата со тоа бидејќи на тој начин ќе си ја стегав душата. А тоа не е здраво.Работев и работам напорно и сметам дека реалноста што ја живеам е наполно заслужена. Да, живеам реалност поинаква од таа што моето семејство можело и да ја замисли, а која сега и тоа ја живее, но најважната лекција и аманет од родителите што ни се оставени мене и на моите брат и сестра се: Цврсто да стоиме на земја и да не ги забораваме корените.

 

Маестро Трпчески, како се станува пијанист од светска класа?Колку крв, пот и солзи се потребни за да се стаса на Вашето место?

ТРПЧЕСКИ: Крв се губи само кога ќе се повреди нокотот и кожата под него при, би кажал, пострасно свирење. Потта е неизбежна, секојдневна и долготрајна.Таа е и здрава (се смее). А солзите, било радосници, било за тажење, се дел од животот при созревање на личноста, која се прелева во начинот на интерпретација на музичкото дело, како и во секојдневното битисување. Замислете се да ви е послужено како на тацна. Па, животот би бил толку здодевен. Исто како да јадете исто јадење секој ден (иако ајварот и благото не ми пречат) или, пак, да свирите долг период постојано исто дело.Мозокот ви се кочи. Нема простор за креација и за борба за подобро. Таквите луѓе се несреќни. Тој што ја избрал оваа професија треба да е психофизички подготвен за предизвиците. Во периодот октомври – ноември годинава отсвирев 16 концерти во 33 дена во неколку држави, често концерти за клавир и за оркестар и цела солистичка програма. Добриот распоред на времето и концентрацијата при работата имаат многу важна улога. А растењето во здрава и топла средина и споделувањето на мислењето,како и советите на родителите и на тие луѓе што ти мислат добро се, исто така,неизбежна алка во процесот на правење успех. Се разбира, образованието е уште една од тие алки и кога се работи за учење на инструмент или развој на гласот, професорот е од исклучително значење.

Исто така, среќата има еден мал придонес во сево ова. Секој сака да мисли и да верува дека има барем малку среќа во животот. Но, и таа се заслужува. За жал, во денешно време на комерцијализирано размислување, маркетингот ги извртува вистинските вредности. Но, сѐ уште има вистински уметници и тие се водачите на помладите генерации.

simon-trpceski-kult226-4

Иако е уште рано да се каже, гледате ли свој наследник меѓу трите деца?

ТРПЧЕСКИ: Лара има многу уметнички предиспозиции. Додека двајцата мангупи Стефан и Андреј допрва ќе ги разбереме што си прават муабет во главчињата. Почнаа да си го покажуваат карактерот. Знаејќи ги карактеристиките на оваа професија, лично сум во дилема дали би сакал или не некој да се занимава со тоа што го правам јас. Но, од друга страна, тие ќе ја добијат мојата целосна поддршка за што било што ќе одберат во животот. Јас сум должен да им го покажам правилниот правец во животот – а тоа е да бидат добродушни, чесни и работливи луѓе. А понатаму, нека се здрави и живи.

 

Што ќе си посакате за 2017 година?

ТРПЧЕСКИ: Како и секоја година, си посакувам здравје себеси и на своето пошироко семејство, како и на блиските, се разбира. Ништо друго не ми треба. Ако треба да кажам уште нешто, посакувам оваа да биде психички малку порелаксирана година од претходните две-три, за што и работев вредно. Би сакал годинава на успешен начин, да види виделина новиот проект над кој работам подолго време. Исто така, искрено посакувам Македонците да се мудри и да се освестат дека треба да ја следат патеката на природата на нормалното свесно човечко суштество, да имаат верба и самопочит, да се сплотат и да направат нешто добро за својот народ и сите што живеат овде. Само малку недостига народов да биде посреќен. Дури тогаш каде ќе ни биде крајот? Да покажеме дека, несомнено, го заслужуваме тоа. Та не сме ние поглупави од другите.

Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: КултурОп
(Текст објавен во 226. број на неделникот „Република“, 30.12.2016)

Top