сабота, 24 јуни 2017 | Вести денес: 39 ново

Не за влада по секоjа цена

Изјавата на лидерот на ДУИ, според кого ако не бидат прифатени барањата на ДУИ, која дел од набљудувачите ја доживуваат како нова јавна закана за дестабилизација на Македонија, отвора нови перспективи за иднината на македонската политичка криза

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Тоа што Ахмети уште еднаш нè потсети дека никогаш не донел одлука спротивна на интересите на албанскиот народ воопшто не му помага ниту на неговиот народ ниту на другите граѓани на Македонија, но барем јасно кажа дека нема проблем да донесе одлука спротивна на интересите на Македонците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите, Хрватите и на сите други што живеат во земјава. Во изјава за телевизијата „Алсат М“ Али Ахмети на сите Албанци во Македонија им порача да не стравуваат, со што на другите индиректно им најави дека тие, можеби, треба да стравуваат. Понатаму, тој вели дека неговата конечна одлука ќе ја одразува волјата на мнозинството на албанскиот народ што, пак, може да значи дека не е многу загрижен дали со новата владина коалиција ќе биде одразена волјата на мнозинството Македонци. Нај­спорна од сите изјави што ги даде Ахмети во своето несреќно интервју е, сепак, таа за донесувањето одлуки на штета или од интерес на Албанците. Точно е дека Ахмети е лидер на политичка партија што доминантно ги претставува македонските Албанци, но точно е и тоа дека тој со ваков пристап во крајно напнати денови го уништи својот обид да се претстави како модерен европски политичар. И на Ахмети и на тие што го донесоа од планина во македонското собрание им е јасно дека на Балканот и во Македонија една исклучителност на етничка основа создава друга, една реакција создава низа контрареакции и, на крајот на краиштата, дека сите политичари работат или мислат дека работат во интерес на својот народ. Ахмети е еден од ретките што не зборува за сите граѓани, туку само за Албанците.

 

Ахмети не се плаши од Македонија без влада туку навива за тоа

Директната закана дека Македонија може да остане без влада доколку кај македонските партии не надвладее разумот, односно доколку не ги прифатат неговитеe услови за кои знае дека ниту албанските партии не би ги прифатиле, е само израз на немоќ на некогаш семоќниот лидер на ДУИ. Политички наивните во пораките на Ахмети можат да препознаат искреност и принципиелност, но тие што ги разбираат работите целосно сфаќаат дека тој не само што не исклучува, туку и навива за Македонија без влада. Причините се едноставни, ако Македонија нема влада, односно остане со техничка влада, ДУИ ем ќе може да тврди дека не е на власт ем ќе може да се правда дека поради тоа што не е на власт не може да ги спроведе своите ветувања кон електоратот. Ако нема влада Ахмети како дел од каква било техничка, транзициска или експертска влада ќе има можности да користи државни ресурси за да ги врати загубената почит и влијание кај Албанците. За Ахмети и коалиција со СДСМ е крајно контрапродуктивно затоа што СДСМ, практично, ја уништи ДУИ со своите „великоалбански барања“ и целосно ја разнебити структурата на некогашната УЧК. Но причините за невлегување во коалиција со СДСМ имаат и друга природа, која не се базира на емоции и на одмаздољубивост. СДСМ, практично, ја прикажа ДУИ како умерена партија што не бара доволно за Албанците и во таква коалиција ДУИ ќе треба да се бори со своите коалициски партнери за да го добие гласот на народот, што е исклучително тешко во македонската реалност. Се разбира, сите овие сценарија и анализа паѓаат во вода доколку ДУИ добие јасен сигнал што треба да прави од луѓето што и досега ја водеа партијата по трансформацијата од воена во политичка организација. Во таков случај, ДУИ, ако треба, ќе тргне и против Албанците.

 

Не за влада по секоја цена

Јавните позиции на Ахмети, колку и да иритираат дел од јавноста, сепак се добри за да може да се постават црвени линии во преговорите. Истите позиции треба да важат и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Никој не смее да формира влада со ДУИ доколку таа влада е од интерес за Албанците, а на штета на сите други граѓани. Подобро е четири години без влада, односно со административна или техничка влада, отколку политичка влада што ќе предизвика промена на името, федерализација, кантонизација, етнички кроен буџет. И тука и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ треба да се свесни дека никој никогаш нема да им прости ако направат компромис и ако влезат во влада што ќе биде спротивна на националните и на државните интереси.

 

Политичко-техничка влада

Една од опциите што може да ја премости сегашната ситуација е формирање влада со легитимност, односно мнозинство во парламентот, која во исто време ќе нема право да решава за важните државни теми како преговорите за името. Оваа политичко-техничка влада не смее да чепне по унитарниот карактер на земјата и во промена на Уставот во кој било дел, туку само да ги спроведе реформите од списокот на Прибе и да создаде услови за уште едни избори за една година, по кои во политички преговори за начините на кои може да се реши кризата ќе влезе влада со целосен капацитет.

Држава без влада

Најпознат пример за демократска земја што подолг период функционирала без политичка влада е Белгија, која од 2010 година до 2011 година, цели 589 дена беше без влада, која има мнозинска поддршка во националниот парламент. Како резултат на непремостливите разлики меѓу фламанската и валонската заедница во кралството Белгија оваа земја речиси две години беше без влада, но во тој период политичката криза беше само на хартија. Земјата не само што не доживеа економски колапс, туку доживеа и економски пораст, кој беше поголем од најголем дел од другите членки на ЕУ. Се разбира, Македонија, освен што има делумни сличности во етничкиот состав, сепак не треба да се надева дека лесно ќе го доживее белгиското искуство. Поизвесно е дека без политичка влада, Македонија не може да биде стабилна, што е главен приоритет во услови кога Европа очекува нова бегалска криза.

(Текст објавен во 226. број на неделникот Република, 30.12.2016)

Top