вторник, 22 август 2017 | Вести денес: 32 ново

Црвена Звезда моќна против европскиот шампион, пораз на Антиќ против „своите“

crvena-zvezda

Во пеколот во белградска „Арена“ не преживуваат фаворитите во Евролигата. Црвена звезда на свој терен откако претходно ги совлада Барселона, Макаби и Реал Мадрид вечерва и одржа кошаркарска лекција на ЦСКА Москва совладувајќи ја со 78-67 (27-14, 21-20, 16-22, 14-11).

За актуелниот шампион на Евролигата ова е трет пораз во досегашниот тек на сезоната, но втор во низа. Ниту Нандо де Коло, кој се врати по едномесечна пауза поради повреда, ниту Милош Теодосиќ, кој отсуствуваше поради хроничен умор, не можеа да му помогнат на индиспонираниот руски првак.

Уште од стартот на натпреварот, „црвено-белите“ наметнаа свој агресивен ритам на игра, проследен со 11 поени додека противникот сè уште немаше постигнато ниту еден. Кузмиќ ги блокираше очајните обиди на противникот за реализација и по првите десет минути, Звезда имаше огромни 13 поени предност. Во вториот период, само Воронцевич беше расположен за игра и успеа да намали на минус шест (38-32), но го одржа темпото поради почетничките грешки на неговите соиграчи. На полувремето разликата одново стана двоцифрена (48-34). Третиот период беше реприза на вториот, Хајнс и Џексон се разиграа за ново намалување (62-56). Дури 32 минути му беа потребни на Нандо де Коло да ги постигне своите први поени што кажува за лошото шутерско расположение на шампионот. Во наредните три минути, ЦСКА брзо го исполни бонусот, многу отворени шутеви останаа без реализација што и овозможи на Звезда да го зачува водството сè до крајот.

Кузмиќ со 16 поени беше најефикасен кај Звезда, два помалку уфрли Симоновиќ, двоцифрен беше уште и Џенкинс со 11 поени. Кај ЦСКА Москва тоа беа Воронцевич со 21 поен и Џексон со 10 поени.

pero-antic

Олимпијакос сè посигурно се стационира на врвните места на табелата во Евролигата. Поразот од Бамберг во минатото коло избраниците на Јанис Сфаиропулос брзо го заборавија и експресно им се вратија на победите. Фенербахче беше екипата која им се најде на патот, но со само еден расположен кошаркар минатогодишниот вицешампион не можеше да се носи со играта на расположениот домаќин. Во финишот турскиот шампион драстично ја намали негативата која претходно стигна и до „минус 23“, но кошаркарите на Олимпијакос не дозволија изненадување и славеа со конечни 71-62 (18-9, 22-12, 18-19, 13-22).

Македонскиот интернационалец, кој до пред четири години го носеше дресот токму на Олимпијакос, денес во дресот на Фенербахче имаше скромен учинок од пет поени (1/1 за два поени, 1/3 за три поени) на кои придодаде и една асистенција за десет минути кои ги помина на паркетот. Најефикасен во таборот на Фенер беше Јан Весели со 22 поени додека за победичкиот состав тоа беа Лојески со 14 поени и Папапетру со 12 поени.

Во останатите натпревари од вчерашната програма, Реал Мадрид оствари значајна победа на гостувањето во Истанбул против Анадолу Ефес од 80-78, Жалгирис беше поуспешен од Милано со 78-70, а кошаркарите на Басконија славеа на домашен терен во дуелот со Макаби (101-88).

Top