вторник, 28 март 2017 | Вести денес: 107 ново

Малото Теарце ја откри големата измама на чадорот

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Малото Теарце, кое требаше да ги „покрие“ наредните големи чекори од планот за редефинирање на Македонија, всушност, само го откри вистинското лице на „надворешните пријатели“ на Заев и покажа колку им е грижа за демократијата и за стабилноста на државата, но и на што сѐ се подготвени при исполнувањето на своите цели. Веќе на сите им е јасно дека целиот циркус околу прегласувањето во кој учествуваа СДСМ, ДИК и странските амбасадори во земјава, беше само обид да се поправат пропустите од првичното сценарио, според кое треба да се дотераат изборните резултати за да се формира широка влада, која под притисок и уцена, како многу пати досега, требаше да ги исполни барањата и да ги задоволи интересите на вистинските владетели на овие простори, на штета на македонскиот народ.

Уште пред неделното прегласување тврдев дека е наивно да се верува дека неуспехот на СДСМ да украде уште еден мандат на ВМРО-ДПМНЕ ќе значи дефинитивна победа на народот и конечен пораз на „чадорот“. Ова е само една битка во војната за зачувување на државата, која повеќе од очигледно ќе продолжи и во текот на 2017 година.

Сепак, резултатот од гласањето, а особено реакциите што следуваа од СДСМ, од Европската комисија и од американскиот амбасадор повеќе од јасно ни ги открија нивните намери во врска со развојот на демократијата во државата, од една страна, но и ни покажаа колку се подготвени да ги почитуваат демократските вредности и волјата на народот, од друга страна. Оцената на СДСМ дека резултатите од Теарце биле само „симболични“ , одбивањето на Брисел да ѝ ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ и силниот притисок на американскиот амбасадор врз ДУИ да не коалицира со победничката партија ни дадоа совршена слика за тоа кој сѐ го попречува враќањето на стабилноста во Македонија. Од ваквите ставови и постапки на „пријателите од надвор“ не може да се заклучи ништо друго, освен дека нивната заедничка цел е продолжување на хаосот во државата преку кој сакаат да го одржуваат нивното комплетно влијание врз институциите на државата. Новата власт, според нивните замисли, треба да биде толку слаба и покорна, за слепо да донесува одлуки какви што ним им одговараат, без оглед на тоа дали со тоа се согласува мнозинството и без разлика колкава штета ќе им направат на државата и на националните интереси. Сценариото ќе беше идеално покриено со нерешен резултат од изборите на кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаа по 50 пратеници, а ДУИ и другите опозициски албански партии ќе поделеа по 10 пратенички мандати.

Во новонастанатата ситуација, по неуспешната трговија со гласови во Теарце, СДСМ е принуден да продолжи да ја применува срамната деструктивна политика преку обид за кражба на волјата на мнозинството граѓани истакнувајќи го сиот недемократски капацитет што го содржи во себе. Во исто време, поради неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ да освои 62 пратеника, клучот за формирање стабилна влада оди во рацете на ДУИ. Ахмети ќе реши дали ќе постапи разумно и ќе ги спушти нереалните барања за правата на Албанците на разумно ниво, со што ќе се формира стабилна извршна власт и ќе се стави крај на кризата или, пак, државата ќе остане без влада, а агонијата ќе продолжи во очекување нови избори, кои би се случиле во најбрз можен рок.

kol226-izbori-2016-2

Колку и да сака лидерот на ДУИ по којзнае кој пат да ја потврди понизноста пред својот шеф од Кале, убеден сум дека пред да донесе конечна одлука ќе ги разгледа следниве факти:

Стратегискиот партнер на ДУИ ќе добие нов водач и нова администрација за дваесетина дена. Ахмети треба двапати да размисли пред да донесе избрзана одлука на барање на актуелниот амбасадор, чијашто судбина по 20 јануари не е позната, како што не е познат ниту ставот за Македонија на новиот претседател на САД, Доналд Трамп. Лидерот на ДУИ може да игра на карта дека нема да се промени политиката на Вашингтон во однос на поддршката на Албанците на Балканот, но притоа мора да биде свесен дека погрешно повлечениот потег може скапо да ја чини партијата, особено по лошиот резултат на изборите.

Коалицирањето на ДУИ со СДСМ е тешко веројатно и покрај подготвеноста на СДСМ да ги прифати сите барања на Ахмети, кои, да бидеме искрени, се речиси исти со ветувањата на Заев дадени пред албанската дијаспора. Постои мала веројатност дека Ахмети ќе му дозволи на Заев да го згази митот за него кај Албанците дека е најголем борец за албанската кауза, а од друга страна, пак, ако не се случи такво нешто, ризикува да излезе уште поголем циркусант од Заев, кој нуди лажни ветувања пред албанскиот електорат.

ДУИ и СДСМ со олкав број пратеници немаат моќ (двотретинско мнозинство) за реализација на барањето за целосна двојазичност, за менување на името за брзо влегување во НАТО и за федерализација на државата. Такво мнозинство, без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, можат да обезбедат само на нови избори, што, пак, е еднакво на научна фантастика. Вториот начин да се реализира таквото сценарио е со силен надворешен притисок да се натера ВМРО-ДПМНЕ да седне повторно на преговарачка маса и сите овие барања да се покријат со некој нов договор.

Во ДУИ се свесни дека и ова сценарио е веќе надвор од игра откако ВМРО-ДПМНЕ во својот проглас јасно соопшти дека ги одбива сите форми за идни преговори и договори со посредство на амбасадори и на други странски претставници. Со тоа Груевски недвосмислено порача дека нема да дозволи нов Охридски рамковен договор, нов Договор од Пржино или каков било друг договор со кој, како многу пати досега, би се погазил Уставот на сметка на националните интереси.

Верувам дека што и да решат во Мала Речица, тоа нема да ѝ биде презентирано на јавноста сѐ до истекот на рокот за формирање влада. На тој начин ДУИ ќе сака да купи колку што е можно повеќе време во кое ќе се обиде да ги добие следните инструкции од новата американска администрација.

Во вакви околности, ВМРО-ДПМНЕ нема друг избор освен да остане цврсто на своите ветувања за заштита на националните интереси и од оваа позиција не смее да се помести ниту за милиметар. Дури и по цена да не се договори за формирање заедничка влада со ДУИ. Заветот даден на 455.000 македонски граѓани е повеќе од обврска и токму затоа мора да одолее на силните притисоци и од ДУИ и од Бејли. Секое ново попуштање пред странските посредници ќе значи уште поголема агонија и за Македонија и за Македонците. За разлика од претходно, овој пат ВМРО-ДПМНЕ мора постојано и навремено да ја информирана јавноста за сите притисоци и непристојни предлози и од потенцијалните коалициски партнери, но и од амбасадорите и од дипломатите.

Граѓаните имаат право точно да знаат кој сѐ им ја крои судбината, кој дипломат со каква агенда е дојден во државата и со какви работи се занимава за време својот дипломатски престој затоа што за Македонија се работи!

Top