недела, 25 јуни 2017 | Вести денес: 0 ново

Бременоста го пореметува женскиот мозок

Бременоста влијае на значителни промени во структурата и големината на одделни делови од мозокот кај жените, коишто можат да траат и цели две години по породувањето. Промените се важни бидејќи ги подготвуваат мајките за задачите коишто им ги носи мајчинството. Ова го покажа едно неодамнешно истражување на холандски научници од коешто резултатите се објавени во стручното списание „Нејчр неуросајенс“.

Кај мајките со најизразени промени во текот на тестирањето било евидентирано повисоко ниво на емоционална поврзаност со своите бебиња, отколку кај жените во чиишто мозоци споменатите промени биле помали.

– Ова проучување првпат ни овозможува увид во тоа на кој начин бременоста влијае на структурата на сивата маса во човечкиот мозок – вели водачот на истражувањето професорката на холандскиот Универзитет Лејден, Елзелине Хоекзема.

Иако не е во потполност јасно поради што доаѓа до ваквите промени во структурата на делови од мозокот, можно е тие да им помагаат на жените во подготовката за социјалните задачи на мајчинството, сметаат научниците.

Кога на жените коишто првпат станале мајки научниците им ги покажале фотографиите на нивните бебиња, забележале посилна активност во деловите од мозокот коишто ги изменила бременоста отколку додека гледале фотографии од други бебиња. Речиси сите измени на масата можеле да се видат по скенирањето и две години по породувањето на жената, со исклучок на делумното обновување на сивата маса во хипокампусот, дел од мозокот задолжен за помнењето.

Освен што студијата е спроведена на мал број испитанички, нејзината ограниченост се состои во тоа што не донела информација за тоа кога и зошто се случуваат промените кај жените кои првпат стануваат мајки. Останува нејасно и дали промените во деловите на мозокот ги предизвикуваат деветмесечната бременост, повеќечасовното породување или првите денови и седмици на поврзувањето на мајката и новороденчето.

 

Top