вторник, 28 март 2017 | Вести денес: 110 ново

Ќе се остварат ли црните прогнози на Меркел?

Во Ноември минатата година, без да даде многу детали за причините за своите црни прогнози, германската канцеларка Ангела Меркел најави дека eмигрантскат криза може да доведе до конфликт на Балканот. Тогаш канцеларката предупреди на опасност од вооружени судири на Балканот, во земјите низ кои минуваат транзитните маршрути на бегалците, ако се побара Германија да ја затвори границата со Австрија. „На Западен Балкан веќе има тензии и јас не сакам таму да се случат воени судири. Не сакам да се засилуваат мрачните тонови, но ситуацијата може брзо да се влоши“, изјави тогаш во Дармштад Ангела Меркел. Една година подоцна и два милионa бегалци повеќе во Eвропа, нејзините зборови повторно добиваат на значење. Терористичкиот напад во Берлин може да нејзината најава да ја претворат во реалност

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Смртта на 12 и повредите на уште 48 луѓе во срцето на Европа може драматично да ги променaт работите не само во Германија и во Европската унија, туку и во сите други земји што се директно и индиректно инволвирани во решавање на бегалската криза со која се соочува стариот континент. Терористичкиот напад во Берлин во кој со камион беше урнат митот за германската безбедност може да предизвика тектонски поместувања и во земјата што ја води Ангела Меркел, но и во Македонија, иако инцидентот се случи на околу 1.700 километри од македонската северна граница. Чекорите што може да ги преземе германската влада можат да нè втурнат и нас во нова голема криза во која најголеми жртви можат да бидат Македонците.

 

Вртењето кон себе на Германија може да предизвика хаос во Европа

Најцрното сценарио за Македонија, кое, за жал, е и едно од најреалните, предвидува германската влада, соочена со критики од опозицијата и од јавноста, да ги заостри мерките за доделување азил на емигрантите и да инсистира на масовни депортации на тие што биле одбиени како баратели на азил. Први на удар ќе бидат сите осомничени за соработка со радикални исламски организации, кои и досега биле на радарите на германските безбедносни служби, но од различни причини биле толерирани од властите во Германија. Најдобар пример за оваа појава е Тунижанинот Анис Амри, кој поради своите линкови со Исламска држава требало да биде депортиран во матичната земја, но поради бирократски процедури останал во Германија, по што е осомничен дека убил 12 луѓе во име на џихад.

Ваквите случаи како Амри во Германија не се ретки, германските служби за безбедност во неколку наврати се пожалија дека немаат доволен капацитет да ги следат сите потенцијални терористи, а во исто време германските закони се многу строги и не дозволуваат само поради индиции, колку и да се цврсти, осомничените да бидат протерани или притворени без соодветна правна процедура. Сега оваа ситуација може да се промени и сите тие што можат да убијат луѓе и да го урнат рејтингот на владејачката коалиција може да бидат депортирани по кратка постапка во своите земји. Дел од нив, според сценаријата на безбедносните служби, ќе бидат задржани во матичните земји, но огромен број повторно ќе се вратат во Европа, односно на Балканот, од каде што ќе планираат терористички напади во ЕУ. Доколку не успеат во тоа, тогаш за очекување е светското внимание да се бара преку терористички напади на Балканот, во Македонија, Косово, Албанија и во Србија. Нестабилната политичка ситуација во Македонија, каде што има длабоки поделби меѓу граѓаните, но и во службите за безбедност, ја прават, можеби, најпогодна за идните драматични случувања што ги планира Исламска држава.

 

Ќе издржи ли Меркел во својата умерена политика?

Иако германската канцеларка Меркел уште пред неколку недели на партискиот конгрес на ЦДУ најави промена во курсот на владата во однос на прашањата поврзани со муслиманите откако се согласи на забрана на носење хиџаб, сега по нападот во Берлин ситуацијата може да се промени уште подраматично. Стравот од националистите од Алтернатива за Германија (АФД), кои веднаш се обидоа и, најверојатно, ќе успеат да добијат политички поени, ќе ја натераат Меркел на нови чекори, кои, сигурно, нема да бидат умерени. Како одговор на АФД, кои по терористичкиот напад во Берлин ја обвинија Меркел, односно нејзината политика за бегалците за смртта на 12 невини луѓе, таа ќе мора да се радикализира ако сака да формира нова стабилна влада на изборите во септември. Соочена со уцени од својот баварски сестрински партнер ЦСУ не се исклучува ниту воведување максимална бројка од 200 илјади бегалци годишно, што е многу под бројот што реално пристигнува во земјата, дури и во нормална состојба.

Ако Меркел попушти во својата позиција за бегалците, тогаш јасно е дека веднаш паѓа во вода целиот план на ЕУ за поделба на бегалците во контингенти, по што неминовно е враќање на хаотичната политика во Брисел, кој повторно ќе стане маргинален, наспроти земјите-членки, кога ќе се решава за бегалците.

Паралелно со овој процес во Германија и во ЕУ се случува и ерозија на односите Берлин – Анкара, особено откако Европскиот парламент гласаше за прекин на преговорите на Турција за членство во ЕУ. Дополнителна причина за страв од трилатерален чекор на Турција во правец на повлекување на Ердоган од договорот со ЕУ, според кој оваа земја треба да ги чува бегалците да не пристигнуваат во Европа, се тензичните односи меѓу Берлин и Анкара. Меркел и Ердоган не успеаа да ги надминат континуираните спорови меѓу двете земји, што значително може да му ја олесни одлуката на Ердоган јавно или премолчено да пушти повеќе од 2,5 милиона бегалци да заминат кон ЕУ.

 

Македонија – централна точка меѓу Босфор и Брисел

Во ситуација кога Грција ни најмалку нема да биде заинтересирана за нивно задржување на своја територија, како што налагаат правилата на ЕУ, а, во исто време, Србија речиси херметички ја затвори границата со Македонија за што се ангажирани десетина илјади припадници на српската војска и жандармерија, речиси е извесно дека Македонците не само што ќе бидат оставени сами на себе во решавање на бранот бегалци, туку дека во исто време ќе мораат да се соочуваат и со поединци и со групи, кои имаат терористички цели. За ваквото сценарио, кое, за жал, не е нереално, најверојатно, зборуваше германската канцеларка лани во ноември.

Дури и без формално пропаѓање на договорот Турција – ЕУ, користејќи ја стратегиската предност, особено во пресрет на изборите во Германија и во неколку други земји во кои радикалната десница може да дојде на власт, Ердоган, кој ѝ е лут на Европа за критиките поради кршење на човековите права, може да даде зелено светло за контролирани движења на бегалци кон Грција и понатаму кон Македонија само за да покаже дека тој е господар на бегалската криза и на стабилност на југот од Европа.

Каква улога ќе одигра Русија?

Посебно прашање во овој контекст е улогата на Русија во однесувањето на Турција во врска со бегалската криза. Блиската соработка меѓу Путин и Ердоган, може да има свој одраз на начинот на кој Турција ќе се соочи со бегалските предизвици. Турција досега во многу наврати ја искажала приврзаноста кон Македонија и кон нејзината стабилност, но сега е целосно отворено прашањето дали за да ја спаси Македонија, ќе жртвува други, многу поголеми приоритети на земјата.

Објективно, никому не му одговара нов конфликт на Балканот, но, во исто време, и никој не знае каков резултат може да даде новото мешање на картите во регионот, особено поради непознатите од новата администрација во Вашингтон. Засега сценаријата се движат од целосно повлекување на САД од процесите на регионот и дозвола на Русија слободно да ја практикува својата моќ, па сè до нов директен судир меѓу двете суперсили за Балканот под своја контрола.

За жал, во меѓународната политика разумот, човечките интереси и логиката одамна ја загубија битката со геостратегијата и принципот на влијание за остварување интерес. Балканот е најдобар пример за таквите меѓународни дипломатски принципи.

(Текст објавен во 225. број на неделникот Република, 23.12.2016)

Top