среда, 18 јануари 2017 | Вести денес: 102 ново

Штета: Кина се откажа од футуристичкиот автобус

Футуристичкиот прототип за автобус кој патува издигнат над патот за да ги избегне автомобилите, а со тоа и градскиот метеж, веќе подолго време не напредува, а причината за тоа е што кинеската влада се повлекла од проектот.

По само четири месеци од претставувањето на прототипот, кинеската влада одлучи да го затвори проектот и да забрани инвестирање во него.

Компанијата што го имаше проектот, во август го претстави TEB-1 (Transit Elevated Bus), 22-метарски автобус во кој може да се возат до 300 патници, а целата платформа е издигната 210 сантиметри што е доволно за под него да поминуваат повеќето стандардни автомобили, пишува Машабл.

Со оглед на тоа дека автобусот е поевтино решение од цената на изградбата на подземна железница, проектот беше прифатен како идеално решение за метежот во кинеските градови.

Сепак, прототипот на автобусот во моментот, место да биде дел од планираните тестови, фаќа прашина во приморскиот град Чинхуангдао и им смета на останатите возила на тест патеката.

Исто така, можно е да има и одредена медиумска блокада на проектот, бидејќи преку пребарувачот што го контролира кинеската влада, не можат да се најдат релевантни податоци за овој проект.

Top