понеделник, 18 декември 2017 | Вести денес: 53 ново

Кога Никола Ристановски беше студент: Квадрирав во прва и учев кампањски

Добрите професори ќе те научат дека си важен, дека можеш да промениш многу работи, дека многу работи зависат од тебе, дека знаењето не е бесмислено, дека чувството и топлината не се заборавени категории. Таквите професори се многу ретки, но ги има и навистина се привилегирани тие млади луѓе што ги среќаваат – вели нашиот познат актер Никола Ристановски во интервју за порталот „Факултети“.

Ристановски денес е првенец на Македонскиот народен театар. Тој е актер со најмногу улоги на филм во последните десетина години, а неговиот актерски шарм и маестралност низ годините беа препознаени и во регионот пошироко. Снима филмови не само на македонски јазик, игра претстави на српски, црногорски, само последнава сезона имаше шест насловни улоги. Есенва е особено актуелен со главната улога во црногорскиот филм „Игла под прагот“, за која освои и актерска награда на Босфорскиот фестивал во Истанбул.

СЕКОЈ МЛАД ЧОВЕК ВИНАТА ЈА БАРА КАЈ ВОЗРАСНИТЕ

Тој е еден од оние актери што не биле примени на Факултетот за драмски уметности при првиот обид. Дури на четврти обид комисијата се смилувала да му дозволи да си го оствари својот сон.

– Се запишав во 1989 година. Јас имав многу обиди да влезам на академија, иако некогаш ми се чини дека можеби и не беа доволно добри, во две години имав четири обиди, а во меѓувреме бев во војска, па после четири обиди, се смилуваа и ме запишаа. Веројатно упорноста беше и е битна работа. За приемните испити спремав амбициозни монолози. Бев некако врзан за едно четиво што се викаше „Злосторство и казна“, кое отпосле се испостави дека е многу важно за мене, меѓутоа, никогаш не ме примија токму со него. Бев примен со нешто од Горан Стефановски – вели Ристановски.

Признава дека никогаш не се посомневал дека тоа не е местото за него.

– Можеби од оваа дистанца и ракурс, не сум бил во право и не сум бил доволно добар. Можам да разберам зошто не ме примиле, не е тоа ништо ненормално. Но, да не ме примеа никогаш, можеби немаше да најдам разбирање. Сега можам да разберам, ако се потрудам. Секој млад човек си вели дека возрасните згрешиле, младите и треба да се сомневаат во одлуките на возрасните. Ми се чини дека дури подоцна доаѓа времето кога грешките ги бараме и ги наоѓаме и во себеси. Тоа е веројатно дел од зреењето.Секој умен човек се сомнева и во себеси, и тоа е здраво. Не може сѐ да не чини, а само твоето да е апсолутно точно и сите професори да те мразат – категоричен е актерот.

Целиот разговор прочитајте го на Факултети.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top