вторник, 21 ноември 2017 | Вести денес: 114 ново

Се надевам дека откако ќе дојде новата администрација ќе имаме силен подржувач (ФОТО)

133490206

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи, Никола Попоски, денеска во Загреб, учествуваше на состанокот на Партнерската комисија на земјите-членки на Повелбата за партнерство меѓу Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и САД.
Ова е последниот состанок во рамки на Хрватското претседавање со Повелбата, кое на состанокот и беше предадено на Република Македонија, која ќе претседава Комисијата во 2017 година.

– Хрватска заврши со многу успешно претседавање на американско-јадранската повелба и Македонија ќе го следи истиот пат, истакна Попоски и потврди дека Македонија, како претседавач на прво место ќе ги стави односите со соседите и ќе се обиде да ја зацврсти регионалната соработка во однос на безбедноста и перспективата за заеднички просперитет.

Доколку ја погледнеме македонската перспектива одблизу, истакна Попоски, дефинитивно ќе треба да ја инвестираме нашата енергија со нашите соседи кои се членки на НАТО и ЕУ.
– Американско-јадранската повелба доби голема предност со регионалната соработка и особено поради тоа што ги имаме САД со нас. Се надевам дека откако ќе дојде новата администрација ќе имаме силен подржувач кој ќе ги зацврсти врските на регионално ниво и кој ќе ни помогне да ја завршиме стратешката објектива, вклучително сите земји од регионот и Европа, да бидеме безбедни и просперитетни, рече Попоски.

На состанокот, министрите за надворешни работи разменија мислења за актуелната политичка состојба во регионот и безбедносните предизвици, реафирмирајќи ја посветеноста на заедничките напори насочени кон стабилна и просперитетна Југоисточна Европа. Посебно внимание посветија на процесот на Евро-атлантска интеграција и неговото значење за стабилноста и просперитетот на регионот, при што ја поздравија одлуката на Алијансата од Самитот во Варшава да продолжи со интеграцијата на земјите од ЈИЕ.

Како што стои во соопштението на Министерството за надворешни работи, земјите-членки на состанокот дадоа силна поддршка на аспирациите на Република Македонија за полноправно членство во Алијансата, подвлекувајќи дека македонското членство во НАТО е целосно основано и заслужено.

Top