среда, 28 јуни 2017 | Вести денес: 0 ново

Заев ја доведе Македонија до раб на граѓанска војна

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Не е големо изненадувањето што Заев и раководството на СДСМ одбиваат чесно да признаат пораз и да му ја честитаат победата на противникот. Не е изненадување ниту неговата подготвеност да ја вовлече државата во крваво сценарио. Тоа се последни сили на човек што ја губи почвата под нозе. Човек во очај, кој е подготвен да се одмазди на секој што му се испречил на патот. Дилемата е дали Македонија има сила да ја избегне (искрено верувам) последната стапица на „чадорот“ и да одолее на опасноста?

Сценариото за братоубиствена војна, кое претрпи неколку измени и надградби во последните две години и кое досега ВМРО-ДПМНЕ успешно го избегнуваше, сега е повторно активно. Можеби не како првична замисла за конечен исход од предвремените избори, но сигурно како резервен план по неуспешното сценарио да се урне власта со изборни манипулации.

За што станува збор?

Додека набљудувачите ни ги оценуваат изборите како „веродостојни и компетитивни“ сѐ погласно во јавноста се зборува за сериозна изборна корупција со албанските гласачи, кои во невообичаено голем број гласаа за СДСМ. Веројатно ова е само еден од начините на кои требало да се намали огромната разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и да се обезбеди победа на опозицијата. За исполнување на целта, според информациите на повеќе медиуми, се полнеле кутии во доминантно албанските средини и тоа по 18 часот, непосредно пред затварање на избирачките места. На тој начин, но и со подмитување на албанските гласачи, на контото на СДСМ легнале меѓу 40.000 и 70.000 албански гласови, за кои, според повеќе извори, биле потрошени милиони евра.

Од каде се стигнати тие пари во државата, на чии сметки биле префрлани и како биле делени, треба да дознаеме од надлежните институции. Се надевам дека јавноста нема да чека многу долго за тие информации, односно ќе биде информирана пред да отидат работите во несакан правец. Граѓаните мора да дознаат чии пари се делеле по џамии, по колку пари давале оџите за глас за СДСМ, дали има и каква е поврзаноста на началникот на СВР Куманово поставен од СДСМ со овие настани, кој е неговиот налогодавец од врвот на партијата… Исто така, би било многу несериозно ако не се спроведе истрага и за неважечките ливчиња, 37.000 на број, за кои претседателот на ДИК вели дека биле само „начин на изразување волја“. Ваквиот ноншалантен однос кон оваа сериозна бројка поништени гласачки ливчиња, можеби, се должи на фактот што, според некои информации, на повеќе од 90 отсто од нив бил заокружен бројот еден (на ВМРО-ДМПНЕ).

Ова сценарио требало да гарантира сигурна победа на СДСМ, под услов ВМРО-ДПМНЕ да не освои ниту еден мандат во дијаспората, а во Македонија да добие најмалку 50.000 гласови помалку од последните избори. Затоа Заев беше повеќе од сигурен дека ќе биде победник на изборите, па дури и без некој да го повика најави дека ќе поднел оставка ако не победи. Математиката им ја расипа, кој друг ако не народот, кој масовно излезе да гласа за одбрана на државата.

Токму поради ваквиот неочекуван развој на настаните, „чадорот“ и Заев бараа дополнително време за консултација и за коригирање на првичниот план, па, најверојатно, затоа и Чичаковски беше пратен на спиење. Додека претседателот на ДИК дремеше повеќе од седум часа, а целата македонска јавност чекаше да слушне која партија колку мандати добила, СДСМ правеше пазар со Беса и договараше прегласување во неколку избирачки места каде што нема регистрирано сериозни изборни нерегуларности. Овој нов план предвидува СДСМ и Беса на прегласувањето меѓусебно да си ги поделат гласовите на штета на двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Така СДСМ повторно би дошол во ситуација да ја погази народната волја и да го украде мандатот за формирање влада.

Следејќи ги изборните интриги и манипулации што деновиве ги прави СДСМ пред, за време и по предвремените избори, занемаруваме еден многу важен факт, дека ВМРО-ДПМНЕ извојува убедлива победа со 454.000 гласови, бројка што ги побива главните аргументи на опозицијата со кои ја предизвика кризата.

Зошто е тоа важно да се нагласи?

Зоран Заев и СДСМ не ги признаа изборните резултати во 2014 година обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ за изборна кражба и поради тоа ја предизвикаа најголемата политичка криза во државата од нејзиното осамостојување. Изговорот беше дека нивниот политички противник, кој на тие избори освои повеќе од 480.000 гласови, украл дури 200.000 гласа на граѓаните, а во избирачкиот список, наводно, имало стотици илјади непостојни гласачи. Тврдеа и дека имало 500.000 фантоми, луѓе гласале со фалсификувани лични карти и што ли не… Иако не приложи ниту еден доказ за обвинувањата, Заев со поддршка на странски дипломати и на домашни шпиони две години упорно ја силува државата барајќи начин како да се инсталира на власт и да ја заобиколи волјата на граѓаните.

kol224-miting-vmro-2

Со масовно ширење на овие лажни тврдења, но и со многу други скандали лажирани во опозициските „фабрики за афери“, во изминатите две години СДСМ го оправдуваше бојкотот на парламентот, објавуваше нелегално прислушувани разговори, организираше насилни протести на кои бараше оставка од владата и се обидуваше насилно да ја преземе власта, кршеше државни институции и сквернавеше споменици, вршеше насилство и се закануваше на новинари, експерти, обични граѓани-неистомисленици…

Во сиот тој период упорно се обидуваше да испровоцира меѓуетнички или интеретнички судир, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ, колку и да изгледаше нелогично за граѓаните со оглед на убедливата поддршка што ја уживаше, постојано правеше отстапки, сѐ со цел да се избегне таквото крваво сценарио.
Зоран Заев и „чадорот“ ја открија слабата точка на ВМРО-ДПМНЕ (дека ќе избегнува крвопролевање по која било цена) и токму благодарение на притисокот на дипломатите и на заканите со насилство успеаја да издејствува еден куп отстапки и исполнети барања како предуслови за предвремени избори. Добија сѐ што побараа – СЈО, нов Изборен законик, нов состав на ДИК, неколку министерства, меѓу кое и тоа за внатрешни работи… Сето тоа под изговор дека само така можат да ги докажат изборната кражба и лажните гласачи. Очајно бараа фантоми и лажен идентитет, но не најдоа ниту еден, освен фалсификатите на нивниот Чауш. Во меѓувреме, демек бараа избори, ама молеа Господ да не се одржат никогаш за да не се потврдат сите нивни лаги.

Дури и кога од третпат Заев (под принуда од „чадорот“) прифати да излезе на избори во декември, предупредив дека овој човек никогаш нема чесно да признае пораз. Овој во повеќе наврати докажано неморален човек, никогаш нема да дозволи да биде почитувана волјата на народот на негова сметка, па затоа во соработка со неговите ментори е подготвен да направи сѐ за да се продолжи кризата, а СДСМ по која било цена да се избори за власт. Дури и да се случи граѓанска војна како што најавуваше Верушевски во својата комуникација на „Скајп“ со еден од осомничените во „Пуч“!

Изборите што се одржаа во неделата, навистина, беа референдумски со огромен одѕив на граѓаните, а народот јасно кажа „не“ за поделби, „не“ за двојазичност, „не“ за редефинирање на државата. Доколку Заев и СДСМ бидат упорни во погазувањето на волјата на граѓаните се плашам дека ќе се доведеме во ситуација кога на улиците ќе се излее целиот гнев на народот што го собираше во изминатите години. Овој пат, за жал, веќе никој нема ниту волја, ниту трпение, ниту простор за игри и за отстапки затоа што Заев и неговите сојузници нѐ доведоа на раб на граѓанска војна во која нема да бидат уништени само политички кариери туку и многу човечки животи. Затоа искрено се надевам дека ќе надвладее разумот во раководството на опозицијата и ќе ги прифати изборните резултати и волјата на граѓаните какви што беа презентирани од ДИК и беа поздравени од соодветните меѓународни фактори.

Top