понеделник, 24 април 2017 | Вести денес: 0 ново

Д-р Крстевска-Константинова: Сѐ почест е дијабетесот тип 1 кај децата

Дијабетесот е наследна болест. Исто така, и некои вируси може да го предизвикаат или да бидат фактори на ризик за појава на тој активен процес. Најчесто станува збор за вирусот на заушки, вирусот на рубеола и коксаки вирусот, вели д-р Крстевска-Константинова

Ако едно дете повеќе мокри отколку што е нормално, ако станува и навечер за да мокри, ако пие многу вода или течности и ако слабее, а јаде повеќе, тогаш тоа се знаци дека е можно детето да има дијабетес тип 1. Најчесто дијабетесот кај децата се јавува на возраст меѓу пет и седум години и во пубертетот. Доцент д-р Марина Крстевска–Константинова апелира, пред сѐ, до родителите, а потоа и до матичните лекари да не ги игнорираат оние знаци кај децата и веднаш да извршат испитувања. Дијабетес тип 1 не може да се излекува, а лекувањето е доживотно.

Какво заболување е дијабетесот?

КРСТЕВСКА–КОНСТАНТИНОВА: Дијабетес е група на болести. Тоа е најчеста ендокринолошка метаболична болест во детската возраст и адолесценцијата. Сега ќе зборуваме само за дијабетес тип 1. Тоа е автоимуна болест при која се јавуваат антитела против Лангерхансовите островца на панкреасот. Тие со текот на времето ги уништуваат. Лангерхансовите островца лачат инсулин и кога ќе бидат уништени, тие веќе не можат да лачат инсулин. Тоа значи дека енергијата не може да се добива од храната, туку се растопува масното ткиво и од тоа настануваат натамошните компликации.

Кои се првите знаци што родителите може да ги препознаат кај децата?

КРСТЕВСКА-КОНСТАНТИНОВА: Основните знаци се кога ќе забележиме дека едно дете повеќе мокри отколку што е нормално, кога станува и навечер за да мокри, кога пие многу вода или течности и кога слабее, а јаде повеќе. Најчесто дијабетесот се јавува на возраст меѓу пет и седум години и во пубертетот.

dr-marina-krstevska-03

Затоа е многу важно децата да се вакцинираат бидејќи вирусот на заушки и на рубеола често создаваат такви проблеми, вели д-р Крстевска-Константинова

Која е причината за појавата на дијабетес тип 1 кај децата?

КРСТЕВСКА–КОНСТАНТИНОВА: Постојат повеќе хипотези за појавата на дијабетес тип 1 кај децата. Најчестата причина е генетска. Дијабетесот е наследна болест. Исто така, постои и вирусна теорија – значи дека некои вируси може да го предизвикаат, да бидат фактори на ризик за појава на тој активен процес. Најчесто станува збор за вирусот на заушки, вирусот на рубеола и коксаки вирусот. Затоа е многу важно децата да се вакцинираат бидејќи вирусот на заушки и на рубеола често создаваат такви проблеми. Исто така, во игра може да биде и психолошкиот фактор – стрес кај децата, но тоа е помалку веројатно.

Како се лекува дијабетесот кај децата?

КРСТЕВСКА–КОНСТАНТИНОВА: Кај дијабетес тип 1 не се лачи инсулин, односно намалено е неговото лачење и лекувањето е исклучиво со давање инсулин. Тоа е единствената терапија. Тоа е доживотна терапија. Може да се случи по неколку месеци откако ќе се дијагностицира дијабетесот, да дојде до ремисија, тоа уште го нарекуваме и „меден месец“, кога клетките на панкреасот заздравуваат и почнуваат сопствена продукција на инсулин. Но, тоа трае кратко, неколку месеци. Во некои случаи тоа може да трае и подолго, но болеста пак се враќа. Затоа треба да се продолжи со терапијата и редовно да се контролира нивото на гликемија.

Кои се компликациите од дијабетес?

КРСТЕВСКА–КОНСТАНТИНОВА: Постојат акутни компликации кај дијабетесот тип 1 и хронични компликации. Акутните компликации се нагло покачување на шеќерот, појава на една дијабетична кетоацидоза, а хроничната компликација е паѓање на шеќерот поради преголема доза или поради нејадење, и тоа се вика хипогликемија.

Како треба да се храни дете заболено од дијабетес?

КРСТЕВСКА–КОНСТАНТИНОВА: Кај децата кај кои е дијагностициран дијабетес тип 1 исхраната е многу важна затоа што јадењето секогаш треба да биде во исто време. Треба да се јаде шестпати на ден. Тоа значи дека треба да имаат три главни оброци и три ужини. Дозата на инсулин секогаш се одредува според тоа колку се јаде .

Колкав е годишно бројот на новозаболени деца со дијабетес тип 1 на Детската клиника во Скопје?

КРСТЕВСКА–КОНСТАНТИНОВА: Новодијагностицирани случаи на 100 илјади пациенти во западните земји е околу 35, кај нас таа бројка се движи од осум до 10 случаи годишно. Македонија во таа смисла е на долната граница, немаме толку често дијабетес како што има во Сардинија или во Финска, каде што бројот на пациенти е поголем. Во последно време имаме многу голем проблем затоа што многу често доаѓаат пациенти, и стари и нови, во многу тешка општа состојба, во дијабетична кетоацидоза, во една шокова состојба каде што се на граница на кома и каде што е многу потешко лекувањето и излекувањето отколку да се дијагностицираат порано и да дојдат навреме за да можеме полесно да ги лекуваме. Во последните пет-шест месеци имавме и нови и стари пациенти кои ни дојдоа во исклучително тешка општа состојба. Со нарушена свест, со кусмалово дишење, со метаболна ацидоза, со присутни кетони во урината, при што беше потребно интензивно лекување. Кај некои пациенти не беше дијагностициран дијабетесот и тие имале симптоми неколку недели пред да дојдат кај нас. Затоа апелирам до родителите и до матичните лекари кога децата ќе се пожалат дека често мократ, слабеат иако јадат, пијат многу течности, да се испита нивото на шеќер во крвта. Многу е тенка линијата меѓу животот и смртта кога пациентите ќе дојдат во тешка состојба.

Колку е важно да се следат кетоните во урината, посебно кај децата во пубертет, кога шеќерот е најмногу варијабилен?

КРСТЕВСКА–КОНСТАНТИНОВА: Не само кај децата во пубертет, туку и кај помалите деца треба да се следат кетоните во урината. Тоа препорачуваме да се прави еднаш дневно, наутро. Тоа се прави со специјални летни со кои се проверуваат кетоните и шеќерот во урината. Посебно е важно да се проверуваат кетоните во урината кога е детето болно и кога почнува да повраќа.

Во што се состои терапијата?

КРСТЕВСКА–КОНСТАНТИНОВА: Станува збор исклучиво за инсулинска терапија. Тие добиваат дози инсулин и се боцкаат околу четири пати дневно – трипати оди брзиот, кристалниот инсулин и еднаш долготрајниот инсулин, кој се дава навечер пред спиење. Некои деца се поставени на инсулински пумпи и редовно треба да се следи контролата. На три месеци се врши контрола. Кога зборуваме за дијабетес, зборуваме за синдроми на дијабетес. Има појава на дијабетес кај различни болести, како, на пример, цистична фиброза, малигни болести… има многу типови дијабетес. Границите за покачен шеќер се 6,3 милимоли на литар и со оптоварување 11 милимоли на литар.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Фото: Александар Ивановски

(интервјуто е објавено во 223. број на неделникот Република кој излезе во печат на 9.12.2016)

Top