понеделник, 21 август 2017 | Вести денес: 13 ново

„Албанска православна црква“ ќе биде круната на федерализацијата

 

Nikola-Srbov-150.jpg

Колумнист: Никола Србов

Изминатиов период се изнапишаа многу страници за „планот“ на Зоран Заев за новото лице на Македонија. Пишував за физичката поделба на државата, за воведувањето двојазичност, односно еднојазичност во Западна Македонија, за децентрализацијата на општините здружени во региони, за нивно кантонизирање и за федерализацијата на Република Македонија. Но поделбата не се врши тукутака преку ноќ, за тоа ти се потребни институции и, најважното, народ што ќе влезе во нив.

Не е возможно од Западна Македонија да бидат протерани, или самоволно да си заминат, 400.000 Македонци, кога велам Западна Македонија мислам на Македонија што има граница точно на средина, територија што влегува во мапата на т.н. „Голема Албанија“ и без градот Скопје. Во таа територија влегуваат и Битола, Прилеп, Охрид, Велес, влегува цела Пелагонија и двете природни езера – Охридско Езеро и Преспанско Езеро. Албанците и да сакаат нема да можат да создадат компактна територија со 400.000 Македонци во неа, ова се докажа во Струга каде што Македонците не решија да се иселуваат туку останаа да се борат. Затоа следува најопасниот дел од планот што го спроведува Заев, а тоа е асимилацијата на Македонците во Западна Македонија.

Како се спроведува асимилација? Познат ни е ставот на Заев за „виткање кичма“ за името на државата, несомнено, доколку Заев би бил на власт името Република Македонија ќе замине во историјата, ќе се промени Уставот. Во тој случај идентитетот на Македонците, кој го влечат од името на земјата, се доведува во прашање. Единствена алка во нашиот македонски идентитет ќе остане македонскиот јазик, тоа е, всушност, најосновната алка во идентитетот на еден човек. Со најавената двојазичност, како што веќе пишував во претходниот број, нема во Источна Македонија да се зборува албански јазик, не е возможно бидејќи нема Албанци, но затоа во Западна Македонија, Македонците ќе го изучуваат албанскиот јазик. На тој начин ќе имаме две чисти територии, еднојазични, на исток македонски јазик, на запад албански јазик. На овој начин се губи идентитетот.

Но, за да го заокружите целиот процес на асимилација, потребна ви е институција. Институција што ќе го забетонира вашиот нов идентитет, тоа е Црквата. Историски гледано, Македонците во деветнаесеттиот век беа асимилирани преку црковните пропаганди, Цариградската патријаршија, Бугарската егзархија и Српската црква во Македонија од Македонците создаваа Грци, Бугари и Срби, што значи, имаме искуство со наше обезличување преку црквата и образовниот систем што бил во нејзини рамки. Сега образовниот систем е одделен од Црквата, во него Македонците од Западна Македонија задолжително ќе го изучуваат албанскиот јазик. Само да ве потсетам, пред неколку месеци беше издадена книга и се отвори прашањето за создавање „Албанска православна црква“ во Република Македонија. Барањето на одредени кругови за создавање паралелна црква во нашата држава одеше дотаму што се бараше Бигорскиот манастир да биде еден вид седиште на оваа црква. Доколку се изврши децентрализацијата како што планираат Зоран Заев и СДСМ, тогаш сѐ поизвесно е регистрирањето на ваква паралелна црква, кое, покрај тоа што е незаконски, е и неканонски.

На тој начин македонското прашање ќе биде затворено со еден удар. Името на државата – променето. Идентитетот на Македонците – обезличен преку јазикот. Прашањето околу МПЦ – затворено. А дали на нашите соседи им се проблем токму овие три нешта, дали се доведува во прашање името на државата од страна на Грција, идентитетот и јазикот од страна на Бугарија и црквата од страна на Србија?

Македонската православна црква – Охридска архиепископија би можела да ја загуби јурисдикцијата врз цела територија западно од Вардар, со тоа може да згасне единствената институција што со векови наназад нѐ одржуваше нас Македонците. Во ваков случај, доколку се воспостави паралелна црква во Западна Македонија, Македонците од оваа територија ќе бидат тоа за што се зборуваше јавно пред неколку месеци – православни Албанци. Тоа е веќе целосна асимилација на еден народ, по однос на идентитет, јазик, име и Црква. Така Западна Македонија ќе има еден јазик и еден народ, од кој, Албанците муслимани ќе имаат своја верска институција, додека Албанците православни ќе имаат своја верска институција. Таквата територија ќе има целосно право да се отцепи од веќе воспоставената федерална држава.

И не, не зборувам од памет со свои замислени сценарија, и воопшто не ни се виновни Албанците, Зоран Заев има програма во која сето ова е запишано во делот за децентрализација на институциите, само треба внимателно да се проанализира кон што води тоа и да ѝ се претстави на јавноста со вистинските зборови.

Нѐ делат часови од референдумското гласање дали да нѐ биде или не, на јавноста веќе ѝ се претставени сите сценарија што се влезени во „планот“ што треба да го спроведе Зоран Заев, останува на нас да решиме во каква држава сакаме да живееме или, поточно, дали сакаме да имаме држава и идентитет или срамно да се откажеме од тоа за кое гинеа нашите предци.

(колумната е објавена во 223. број на неделникот „Република“ кој излелзе во печат на 9 декември)

Top