вторник, 24 јануари 2017 | Вести денес: 104 ново

Никола Љуца, режисер: Секојдневниот живот стана тежок во оваа капиталистичка хистерија

Секојдневно се фотографираме и тоа го споделуваме на социјалните мрежи. На тој начин само потврдуваме дека постоиме. Во тие лажни потврди за нашето постоење забораваме да бидеме сами со себе и да погледнеме до каде сме и со кого живееме. Ликовите во мојот филм се претставници на богатата елита, така што кај нив сѐ е позасилено и поекстремно

Филмот „Влажност“ на српскиот режисер Никола Љуца е избран за најдобар во официјалната селекција на 15. Фестивал на европски филм „Синедејс 2016“, во кој годинава се натпреваруваа осум филма. Копродукција е меѓу Србија, Холандија и Грција. Љуца беше во Скопје и се заблагодари на наградата, а тоа беше повод да направиме интервју за неделникот „Република“.

Дебитантскиот филм на Љуца, на кој екипата работела пет години, беше прикажан на Берлинскиот филмски фестивал. Главниот јунак во филмот е млад, успешен и амбициозен човек кому во еден момент му исчезнува сопругата без трага и глас, додека тој се обидува да ја сокрие тајната и да ја одржи привидната среќа во семејството.

Љуца има македонско потекло и голем дел од детството го поминал во Куманово и во Скопје.

Честитки на наградата. Вашиот филм „Влажност“ преиспитува каде сме, како стигнавме до ова што сме денес и сето она што се случува со институцијата брак. Па, што мислите, како стигнавме до оваа точка?

ЉУЦА: Мислам дека сите многу левтерно го сфативме концептот на слободата. Тоа е еден тежок и сериозен збор. Слободата ни се наметнува низ илузијата на куповната и финансиската моќ. Семејството и бракот се редефинираат со причина, но луѓето како и понатаму да не сфаќаат дека формалната промена не значи ништо без онаа човечката, внатрешна промена. Мислам дека сите глумиме дека светот е ист каков што бил кога сме се родиле, што апсолутно не е точно.

vlaznost

Главните јунаци во филмот само навидум го живеат животот од соништата, но многу работи им недостигаат. Што е она што најмногу им недостига?

ЉУЦА: Им недостига темелност во односот кон себе, кон најблиските, а со тоа и кон самото општество. Опседнати сме со сликата за себе. Секојдневно се фотографираме и тоа го споделуваме на социјалните мрежи. На тој начин само потврдуваме дека постоиме бидејќи секојдневниот живот стана многу тежок во оваа капиталистичка хистерија. И така, во тие лажни потврди за нашето постоење, забораваме да бидеме само со себе и да погледнеме до каде сме и со кого живееме. Намерно говорам во прво лице множина бидејќи тоа е проблем на сите нас. Ликовите во мојот филм се претставници на богатата елита, така што кај нив сѐ е позасилено и поекстремно и затоа ми е интересно да се занимавам со тие лажни победници на транзицијата.

Колку долго работевте на филмот, како се развиваше идејата?

ЉУЦА: Уште додека студирав, сакав да се занимавам со генерацијата која го водеше движењето за соборување на режимот на Милошевиќ. Со оние кои мене ми беа идоли додека со родителите во 90-тите години на минатиот век шетав и протестирав против Слободан Милошевиќ. Мојата косценаристка ги смисли ликовите и жената која исчезнува. Од тоа почнавме полека да го градиме сиот тој свет, Петар, пожелен и успешен маж кој го крие исчезнувањето на својата жена од целото опкружување.

Што е најголемиот квалитет на „Влажност“? Дали, можеби, тоа е оригиналноста на приказната?

ЉУЦА: Мислам дека најголеми квалитети на филмот се актерите и визуелната атмосфера. Тоа е она што генерално им недостига на филмовите што доаѓаат од поранешна Југославија. Овој начин на глума и овој начин на визуелно прикажување е она што им останува во свеста на луѓето откако ќе го погледнат филмот. Филмот влегува под кожа. Филмот е повеќеслоен, има повеќе значења и поради тоа се говори, се раскажува за филмот. Затоа и луѓето што го гледаа имаа екстремни реакции.

Вие сте млад режисер и ова е Ваш дебитантски филм. Дали очекувавте ваков успех кога почнавте да го снимате филмот?

ЉУЦА: Тешко е да размислуваш за успех кога почнуваш да работиш, односно да го снимаш филмот. Ако почнеш да се оптоваруваш со тоа, нема да бидеш искрен, а тоа е најлошо за една уметност. Јас првенствено правев филм каков што би сакал да гледам, филм зад кој ќе стојам со сето срце. Наградите и успехот се минливи, но тој филм останува засекогаш и ќе нѐ надживее сите нас. Мораш да бидеш искрен и автентичен, тоа е најважно.

nikolaljuca_300dpi

Лажната слика за себе која се гради секојдневно е она што ги затвора луѓето, и тоа на оној лош начин, вели Љуца

Дали денес на младите им е многу потешко да живеат и да го одржат бракот за разлика од нивните родители, па може и од нивните баби и дедовци? Што е она што го прави бракот денес потежок од она што навистина е?

ЉУЦА: Мислам дека денес е потешко да се одржи односот, да биде стабилен. И пријателскиот и љубовниот однос. Лажната слика за себе која се гради секојдневно е она што ги затвора луѓето, и тоа на оној лош начин. Мислам дека социјалните мрежи ја убиваат секоја социјализација, а со тоа и јавното мислење. Се создава впечаток дека има слобода на говор, секој може да биде новинар, а со тоа сериозните и образовани луѓе кои се компетентни потполно се уништуваат. Како да бидеш искрен и реален кон другите ако не си кон себе?

Дали сте првпат во Македонија? Дали некако сте поврзани со нашата земја?

ЉУЦА: Мојата баба е Македонка, така што кај вас се чувствувам како дома. Кога бев мал, многу време поминував во Куманово и во Скопје. Зборувам македонски, но веќе подолго време не го користам вашиот јазик поради сплет на околности.

Ја познавате ли македонската кинематографија? Дали, можеби, имате омилен филм или актер?

ЉУЦА: „Пред дождот“ сѐ уште е неприкосновено ремек-дело. Неверојатно колку тој филм е актуелен и жив и денес, по 22 години од победата во Венеција. Се надевам дека Милчо Манчевски ќе се врати во формата која ја имаше на почетокот на кариерата. Многу е тешко кога првиот филм ти е толку многу успешен и значаен како што нему му беше „Пред дождот“.

Кој е Вашиот следен проект? Дали веќе работите на некој нов филм?

ЉУЦА: Веќе две години пишувам ново сценарио под наслов „Си играле делии“. Станува збор за психолошки трилер во светот на фитнесот. Продолжувам со истражување на современите моменти и модерните опсесии, само што овој пат нив ги поврзува една провокативна политичка тема.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

(интервјуто е објавено во 222. број на неделникот Република кој излезе во печат на 2.12.2016 година)

Top