вторник, 21 февруари 2017 | Вести денес: 100 ново

Павлинка Честојнова: „Агропазар Македонија“ ќе овозможи пласман на земјоделски производи и ќе отвори нови работни места

Павлинка Честојнова, кандидатката за пратеник од Неготино во ИЕ 4, вели дека тиквешкиот регион не го заборавил периодот на транзицијата и уништувањето на Неготино и економски, но и морално. Бројот на невработени од 4.601 лице во 2006 година, денес е намален на 1.932 неготинци. Мерките за развој на земјоделството, пак, овозможиле наместо седум регистрирани земјоделци пред 10 години, денес да бидат 430. Затоа, вели Честојнова, со право очекувам дека граѓаните ќе одберат реални проекти и луѓе кој работат во интерес на Македонија

Невработеноста и проблемите на земјоделците воопшто беа најгорливите проблеми во неготинскиот крај. Се чини дека сепак, таа слика се промени по зафатите кои се однесуваа на ставање ред во секторот за производство на храна, но и на влезот на странскиот капитал од автомобилската индустрија ја сменија сликата за овој крај?

Невработеноста во општина Неготино во 2006 година беше на ниво 4.601 невработени лица , а сега во 2016 година изнесува 1.932 лица. Вкупно од нашата општина во фабриката Дрексермаер работат околу 1.100 наши сограѓани, но во исто време сакам да потенцирам нешто што е далеку пообемно, позначајно ако не и најголемо што треба да се реализира во нашиот крај, а е од особено значање за општина Неготино. Тоа е проектот „Агропазар Македонија“ проект чија вредност е 20 милиони евра и истиот започнува за неколку месеци на потегот помеѓу Неготино и Демир Капија со одлична место положба и инфраструктура, ќе се формира таканаречена „агроберза“. Агропазар Македонија во најголем дел ќе биде во државна сопственост, но и со можност за влез на приватни компании кои ќе можат да изградат или изнајмат простор за ладилници, за складирање, калибрирање и пакување на свежи земјоделски производи. Овој проект е значаен од повеќе аспекти, проект што ќе отвори нови работни места затоа што истиот ќе овозможи пласман на свежи земјоделски производи од цела Македонија кои понатаму ќе се дистрибуираат на македонскиот и странскиот пазар. Сето ова ќе се прави преку аукциска куќа во рамките на самиот пазар која секојдневно на берзата ќе нуди производи.

Колку проблемот со иселувањето се намали со поддршката на младите земјоделци, проектите кои во фокусот ја имаа поддршката за производството на храна и вино, но и поттикнувањето на многудетните семејства?

Проблемот со иселување постои од осамостојувањето на Република МАкедонија. ВМРО- ДПМНЕ со многу проекти прави напори за задржување на младата популација во државата. Во нашиот, тиквешки регион, морам да кажам дека подршката продолжува и тоа со поголем обем.  Ова е посебно важно за нас, за винариите, за лозарите. Ако пред 10 години сме имале само седум регистрирани земјоделци кои за пензиско и инвалидско осигурување требало да издвојуваат 5.000 денари, денес имаме 430 регистрирани земјоделци кои за пензиско и инвалидско осигурување треба да издвојат од 1.500 до 1.600 денари. Покај редовните субвенции кои ги добиваат лозарите од 4.000 денари по декар, оваа година како дополнителна мерка ќе бидат издвоени уште 3 милиони евра. Затоа за ВМРО- ДПМНЕ лозарите и севкупно земјоделците се една од најважните категирии на граѓани и редовно се преземаат стимулативни мерки за поддршка и развој.

Tука се и проектите за вработување, загарантираната минимална плата, растот на пензиите, секако со ставање ред за навремена исплата… Дел од проектите кои во фокус ги имаат економските категории за младите, пензионерите, вработените и невработените, но и социјалните категории продолжуваат и во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ. Колку неготинскиот регион, кој што според некои проценки е опфатен со 27 проекти, се препозна во нив? 

Има повеќе конкретни проекти кои се однесуваат на Неготино и населените места, а ги опфаќа интересите на сите категории граѓани. Сакам да потенцирам дека проектите во земјоделството не случајно ги поврзав со проектот „Агропазар Македонија“. Ова затоа што едно од друго неможе да се издвои. Лично, а познавајќи го неготинскиот регион, сметам дека наредните четири години Неготино и сите населени места од нашата општина ќе почуствуваат многу придобивки од овој проект. Ова го велам затоа што истиот е комплексен и се однесува на повеќе дејности, но, најважно, на земјоделците и индиректно на руралниот развој.

Колку покрај влезот на нови директни странски инвестиции, е значајно и рестартирањето на капацитетите- Жртви на транзицијата?

Јас не сакам да верувам дека граѓаните на Република Македонија, особено во Неготино ја заборавија транзицијата. Многу наши сограѓани ја почуствуваа на своја кожа. Не сакам да бидам историчар кога ќе речам дека многу наши сограѓани и нивни семејства беа уништени економски, но и морално. Со нашата програма, со проектите, многу работи од минатото кои ги правеше СДСМ ќе бидат надминати. Морам да ја споменам фабриката за кабли „Неготино“ која е стопански капацитет  -жртва на таа транзиција. Во програмата „Реално“ предвидено е на идните инвеститори по стекнување на сопственост на имот, од друштвата да им се понуди државна помош, со цел креирање на поголем број на работни места , со посебен акцент на ангажман на поранешните вработени,  односно стечајци. Рестартирањето на фабриката ќе биде успешен проект за семејствата кои беа жртва на оваа транзиција, но и за унапредување на економијата во општина Неготино.

Голем дел од проектите во оваа понуда се однесуваат на инфраструктурни проекти за Неготино, како локални и регионални патишта, водоводи и одводи,  реконструкција на железничката станица и линии, гасна мрежа.. Колку се значајни за овој регион? 

Проектите од инфраструктурата секогаш се важни, но истите треба правилно и точно да се позиционираат. Сведоци сме дека последните неколку години на очиглед на сите граѓани многу се гради, а јас ќе речам подобро да градиме одошто да рушиме. Да градиме патишта кои ќе не поврзуваат, патишта кои ќе бидат од голема полза за граѓаните, бизнисмените, земјоделците, за сите. Патната мрежа е важна за сите во државата. Реконструкцијата на автопатот Неготино- Демир Капија значи многу за сите, за туризмот, за безбедноста,  но и за проектот „Агропазар Македонија“. Сакам да го напоменам патниот правец Долни Дисан- Вешје, кој е од големо значење за подобар пристап до земјоделските површини за нивно обработување. Патниот правец Калањево- Бела Вода ќе допринесе за развој на селскиот туризам затоа што во последно време сме сведоци на сѐ поголем број изградени викенд-куќи. Особено сакам да ја нагласам гасификацијата на Неготино, проект со кој се планира гасификација на стопанските капацитети, но и домаќинствата во Неготино.

Колку се прифатени и што би значеле реализацијата на проектите за подобрување на животот во руралните средини, како и поддршката на малите винарии, во делот на здравството, па и изградбата на градинки, проекти за младите, спортот, за понатамошен развој на неготинскиот регион, но и воопшто за Македонија?

Младите биле и ќе бидат приоритет на ВМРО- ДПМНЕ. Кога велам младите, мислам на децата кои треба да бидат прифатени, едуцирани, згрижени, воспитани во рамките на семејството, но и преку институциите на системот. Пред се, градинките како дел од системот на воспитување и образување се многу значајни. Затоа во програмата се предвидува изградба на нова детска градинка со капацитет од 120 деца. Здраствениот Дом Неготино ќе добие нова опрема во вредност од околу 80 илјади евра. За младите ќе изградиме две нови баскет игралишта, а ќе потенцирам дека во изминатиот период се изградени две нови спортски сали и мултинаменско игралиште.

На изборите на 11 декември се гледа како пресврт и почеток на крајот на политичката криза во земјата. Се очекува и се инсистира на фер демократски амбиент за кредибилни избори. Сепак, Неготино не помина без инцидент, односно неодамна партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ беше цел на напад. Се расчисти ли овој случај?

Јас како кандидат за пратеник од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, исто како и мојата партија, водам и водиме фер и позитивна кампања. Нас и мене ме интересираат граѓаните и нивните секојдневни проблеми. Затоа решавањето на проблемите на граѓаните е наш приоритет. А овој случај нема да го коментирам, оставам надлежните институции на системот да го разрешат.

Според досегашното демократско изборно искуство од Неготино, што очекувате од овие избори? 

Граѓаните на Република Македонија, граѓаните на општина Неготино имаат искуство, се мудри, знаат да ги стават работите на вага и да измерат и правилно да одлучат. Мене ме познаваат во Неготино, во неготинските села, тоа се мои сограѓани кои ги ценам и почитувам. Мојата заложба како иден пратеник е граѓаните на општина Неготино, моите сограѓани, да имаат подобар и достоинствен живот во секој поглед. Затоа, со право очекувам дека граѓаните ќе одберат реални проекти, дека ќе одберат луѓе кој работат во интерес на Македонија, а не на некој од „одозгора“ и масовно ќе нѐ подржат на 11 декември. Верувам во граѓаните на мојата општина, во Република Македонија, верувам во ВМРО- ДПМНЕ.

Top