сабота, 18 ноември 2017 | Вести денес: 80 ново

Македонската археологија презентирана на Археолошката берза во Италија

Управата за заштита на културното наследство трета година по ред ја претставува Македонија на Медитеранската берза за археолошки туризам во Пестум, близу Салерно во Италија, каде пред многубројна публика од цел свет го презентира домашното културно наследство. На 19–то издание на Медитеранската берза, која се отвори на 27 октомври а ќе трае до 30 октомври, учествуваат повеќе од сто изложувачи од дваесет земји меѓу кои Малта, Турција, Словачка, Русија, Хрватска, Кипар, Грција, Азербејџан, Русија и Узбекистан. Бројот на посетители на овој саем достигнува и повеќе од десет илијади посетители.

29102016222305_web_unnamed_1

– Република Македонија поседува врвни археолошки локалитети кои бараат лепеза модалитети за нивно активно вклучување во современиот развој на локалните општински заедници. Токму поради тоа ме радува што нашата соработка со грандиозниот собир Медитеранската берза на археолошки туризам во античкиот град Пестум во Италија тече во континуитет и оваа година на нивната XIX-та годишнина, а со наше трето учество, се разбира под уставното име Република Македонија. Но овој пат посебно ме радуваат два моменти. Големиот број посетители од  Италија и од голем број земји, професионалци, но и пошироката публика, ја видоа монографијата „Античкото кралство Македонија и Република Македонија“, во која се изложени илјадници археолошки и историски факти за припадноста на нашата македонска територија во опфатот на древното Александрово кралство Македонија. Токму оваа книга ги привлече во нашиот агол на собирот во Пестум, професорите од Узбекистан, земјата во која Александар Македонски ја запознал својата вистинска љубов, принцезата Роксана, која му го родила синот Александар IV. Гордост, љубопитност, чест, свест за историското херојство, поврзаност на минатото со сегашноста, и уште многу чувства се појавуваат во ваквите контакти во кои се навестува воспоставување на силен културен мост помеѓу Македонија и Узбекистан а се надевам и останатите далечни азиски земји низ кои очите на античките Македонци виделе милиони глетки на патеката кон изгрејсонцето и вечната светлина- вели Виктор Лилчиќ Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство.

На овој настан покрај изложувачите, значаен дел имаат и туроператорите, кои ги промовираат своите туристички дестинации, но и бараат нови примамливи понуди од други земји. Домашната понуда од година за година е се побогата. На македонскиот штанд се наоѓаат веќе познатите наслови од книжевниот проект „Најзначајните вредности од областа на културното и природно наследство на Република Македонија“ и тоа, црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези, Манастир Зрзе, Висока и Старо Бонче, Шарената џамија – Тетово, Скупи, Скопско кале, Стибера, Хераклеја Линкестис и Тетовско Кале. Меѓу нив се и новите изданија, како „Античкото кралство Македонија и Република Македонија“ на Виктор Лилчиќ-Адамс, Игор Ширтовски, Владимир Атанасов, Виктор Симоновски и Филип Аџиевски, потоа „Св. Ѓорѓи во Курбиново“, „Виничките теракоти“, „Св. Богородица Елеуса во Вељуса“ и „Манастир Матејче“ на Елизабета Димитрова, „Таор“ на Киро Ристов, „Тумба-Маџари“ на Драгиша Здравковски, „Баргала“ на Трајче Нацев, „Манастир Трескавец“ на Александар Василески и „Маркови кули“ – Прилеп на Бранислав Ристески. Сите наслови се на англиски јазик.

Top