вторник, 23 октомври 2018 | Вести денес: 5 ново

Јункер: Британија не смее да преговара со други држави додека е во ЕУ

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер се противи на преговорите за трговија помеѓу Велика Британија и другите земји додека таа е сѐ уште во составот на ЕУ, пренесуваат светските агенции.

Јункер оваа порака ја испратил во момент кога Австралија се подготвува за почеток на преговорите за слободна трговија со Лондон.

-Не ми се допаѓа идејата земјите членки на ЕУ, вклучувајќи ги и оние кои понатаму се нејзини членки, да преговараат за договори за слободна трговија- рекол Јункер за време на самитот Г20 во кинескиот град Хангџу.

Претседателот на Комисијата додал дека таквите преговори се „работа на ЕУ во име на нејзините членки“. Јункер ова го изјавил откако претставниците на австралиската влада рекле дека ќе започнат преговори со британските колеги за слободна трговија, што би бил првиот ваков договор на Британија по гласањето за излегување од ЕУ.

Британската премиерка Тереза Меј најавила дека по Брегзит, Велика Британија ќе настојува да воспостави нови трговски односи со земјите ширум светот. Се очекува Меј, која навела дека се надева оти Британија ќе стане лидер во глобалната трговија кога ќе излезе од 28-члениот блок, да започне да истражува нови можности за трговија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top