четврток, 24 август 2017 | Вести денес: 0 ново

Како се лажат туристите на Јадран: Плаќате скап коктел, добивате ладен чај

Кога во бар во туристичките места на Јадранот ќе порачате некој од светски познатите коктели – „космополитан“, „маргарита“, „секс он д бич“, „пинаколада“ – голема е веројатноста дека ќе добиете пијалок со состојки, декорација, вкус, па ни боја ни блиску до она какви што треба да бидат, пишува „Слободна Далмација“.

Така, за 50 или 90 куни (410 или 740 денари) ќе добиете мешавина од ефтини состојки, а не коктел по пропишани и скапи состојки.

Точно е дека на некои наши шанкови се пометнува се и сешто, под име на некој светски рецепт, се сервира во погрешни чаши, се става мраз во пијалоци каде не треба, се додаваат бои кои не му припаѓаат на оригиналниот рецепт, се ставаат ефтини алкохоли, се мешаат овошни ликери и сокови, само чашата да е полна и во атрактивна боја. Некогаш тоа е поради незнаењето на барменот, но многу почешто е поради недостатокот на желба да се научи или да се усоврши струката. Некогаш бармените, пак, мораат и да им удоволат на своите газди и да штедат на рецептот – вели државниот првак за мешање на пијалоци во Хрватска Јуре Војковиќ.

Тој ги реди сите „гревови“ на бармените:

Пример, еден од најпознатите коктели „секс он д бич“, кој во оригинал е со темно црвена боја, во различни угостителски објекти на макарската ривиера, одделени 100 метри еден од друг, се сервираат како зелен, син и розев коктел.

Еден од најбараните коктели годинава „аперол шприц“, кој мора да содржи „просеко“, минерална вода и мраз, на Јадранот се меша само „аперол“ и минерална вода и кошта 500 денари. Тој, исто така треба да се служи во чаша за бело вино од 20 цм, но се служи во чаша за црно вино, многу помала од пропишаната доза.

Познатата „маргарита“ не смее да се прави со лимонов сок, туку исклучиво со цедена лимета. Во неа не се става цевка за пиење, бидејќи самиот раб на чашата е обложен со сол, па кога пиете му го дава вистинскиот вкус на пијалокот. Уште поголем грев е кога наместо сол, се става шеќер.

„Лонг ајленд“, пак, нуди најмногу простор за малверзации. Во него се става минимална количина на „кока-кола“, за останатите четири безбојни алкохолни пијалоци да добијат боја на леден чај. Но, овде, наместо текила, вотка, бел рум и џин во точен размер, чашата се полни со леден чај, малку алкохол и цена од 740 денари.

Ништо подобро не е ни со „пинаколадата“, најпознатиот портокалов коктел, во кој мора да има бел рум, кокосово млеко или сируп и сок од ананас, но на хрватското приморје се служи најевтина вотка место рум, готови ликери „пинаколада“ и многу шарени цевки и чадорчиња.

Top