четврток, 21 септември 2017 | Вести денес: 91 ново

Премиера на „Пепелашка“ – претстава за вербата, надежта и љубовта во Театар за деца и младинци

Претставата за вербата, надежта и љубовта, „Пепелашка“ в среда, на 22 јуни ќе биде премиерано изведена на сцената на Тетарот за деца и младинци (ТДМ) во Скопје во 19 часот.

„Пепелашка“ од Шарл Перо е во режија на Деан Дамјановски и драматизација на Горјан Милошевски и користи мотиви од некогашната адаптација на „Дизни“.

Тоа е претстава за двајца зрели сонувачи: од една страна, Пепелашка, која не може да се помири со потребата за богатство на Маќеата и полусестрите Анастасија и Дризела. А од друга, Принцот кој сака сам да ја избере својата жена, наспроти традиционалните погледи на својот татко- Кралот. И двајцата силно мечтаат за вистинската љубов која на крајот и ќе ја најдат.

– Мислам дека ќе имаме уште една претстава која ќе биде вистински хит на репертоарот и ќе има долг живот. Се собра добра екипа, вистински креативци, кои имаат голем творечки потенцијал – изјави Братислав Димитров, директор на ТДМ.

Претставата се базира врз авторскиот поглед на младиот драмски автор Горјан Милошевски , изведен според режисерската визија на Деан Дамјановски и надограден со актерската игра на Наташа Петровиќ (како Пепелашка) и Ненад Митевски (како Принцот), понатаму, Катерина Илиевска- Силјановска (Маќеата), Симона Спировска (Анастасија), Емра Куртишова (Дризела), Мартин Јорданоски (слугата Меклелеј), Бојан Кирковски(глушецот Попс), Владимир Лазовски (Кралот), Ана Левајковиќ (самовилата Мирабел), Марија Ѓорѓијоска (глувчицата Бабл) и Мики Анчевски (песот Бакстер). За автентичноста на претставата огромен придонес имаат и раскошните костими на Елена Дончева, сценографски асоцијативната визија на Кирил Василев,  авторската музика на Сашко Костов, како и разиграната  кореографија на Кренаре Невзати.

– Од режисерот Дамјановски добив точни насоки за тоа како треба да изгледа нашата „Пепелашка“. Во ова време не е возможно да направите адапатација, без да користите современи ситуации. Ова е динамична претстава, со многу духовитост и луцидни коментари. Вербата, надежта и љубовта ќе не вратат во живот и тоа е пораката за децата. Исто така, многу е важно да се напомене дека испраќаме порака дека децата не треба да бидат безгласни, туку да имаат став, како што имаат Пепелашка и Принцот – изјави Милошевски.

Ликовите на Пепелашка која не губи верба, Принцот кој не престанува да ја бара вистинската љубов, злобната Маќеа, двете полусестри кои луто се караат која е поубава,Кралот кој сака само да го жени принцот, расеаната, добра и весела Самовила, несмасните и симпатични животни и еден Слуга кој прави глупост само што ќе мрдне со малото прсте, влетуваат во брз сплет на смешни, стрмоглави и неизвесни случки со среќен крај.

Ова е трета претстава која режисерот Дамјановски ја работи во ТДМ.

– Пепелашка беше еден од омилените ликови на мојат ќерка кога таа беше мала и тоа е една од причините поради која решив да ја режирам оваа претстава, значи лично сум мотивиран. Бајките како Пепелашка испраќаат пораки дека на добрите луѓе им се случуваат добри работи и тоа го има и во нашата претстава – вели Дамјановски.

Надежта дека љубовта доаѓа, вербата која секој ден ја чека среќата, тоа се победниците во „Пепелашка“ на Тетарот за деца и младинци.

Top