недела, 26 февруари 2017 | Вести денес: 42 ново

Даниел Кајмакоски: Семејството Додевски ме потсетува на моето детство

Два месеци се борев сам со себе дали да се согласам да учествувам во шоуто. Сега сум среќен што донесов вистинска одлука

Уште една целосна доминација на Даниел Кајмакоски. Момчето кое го запознавме преку учеството на „Икс-фактор“ уште еднаш извојува победа на балканско ниво, овојпат во конкуренција на професионални музичари. Шоуто „Твоето лице звучи познато“ покажа уште една страна на пејачот – способност за имитирање, глумење, трансформирање.

А хуманата страна Кајмакоски ја покажа веќе неколку пати. Парите наменети за негова промоција на „Евровизија“ ги искористи за да донира апарат на Клиниката за детски болести во Скопје, потег кој ретко кој би го направил на почетокот на кариерата.

Многу луѓе нè следат, за некои дечиња сме идоли и навистина следат што кажуваме и што правиме. Во таа смисла е многу битно да преземеме одговорност, сите ние како изведувачи и јавни личности. Едно си ветив себеси,   до каде и да стигнам, или ќе паднам или ќе се кренам, битно е да не се прегазам себеси – изјави тогаш за интервјуто за „Република.“

Daniel-Kajmakoski-tlzp-r195-4

„Твоето лице звучи познато“ е забавно шоу чијашто мисија е хумана. Секој победник на епизодата добива 1.000 евра кои треба да ги подари некому кому му се најпотребни. Целокупниот победник, овојпат Даниел Кајмакоски, добива 25.000 евра и тешка задача – да одлучи каде ќе бидат донирани парите.

Додека траеше шоуто, размислував каде да ги донирам парите доколку победам. Решив парите да ѝ ги дадам на една самохрана мајка која има две болни деца, таа е од Куманово, а за операција на децата се потребни 100 илјади евра. Се надевам дека ја донесов вистинската одлука – рече Даниел непосредно по прогласувањето на победата.

Даниел ја прослави победата со своите родители, кои и овој пат дојдоа од Виена за да му дадат поддршка.

Таткото на Даниел, Павле Кајмакоски, инаку и самиот пејач и музичар, е особено горд што неговиот син ќе ја додели наградата на самохрана мајка и на нејзините две болни деца од Куманово.

–  Горд сум на мојот Даниел. Со овој триумф ќе направи добро дело и ќе му помогне на семејство на кое парите му се потребни за лекување – изјави таткото на Даниел за белградските медиуми веднаш по победата.

Daniel-Kajmakoski-tlzp-r195-5

Но, вели, него му фали само уште нешто за да биде најсреќниот човек на светот.

Би бил најсреќниот човек на светот кога мојот син би се оженил. Мислам дека дојде време и тој да се скраси. Ние сме од пејачка фамилија, па би сакал и снаата да ми е пејачка. Тој нека пишува песни, а таа нека пее. Не би се бунел ни да биде водителка, па таа да е домаќинка во емисијата во која тој ќе пее. Но, во никој случај не би сакал да се ожени со старлета. Само да се фотографира и ништо да не прави, тоа не ми се допаѓа. А, ни мојот син не е таков, тој ќе ја одбере вистинската жена, верувам во неговиот избор – вели тој.

Даниел, пак, не мисли на женачка, туку само на идните планови во кариерата. Тој долго се мислел дали да учествува во уште едно шоу.

Два месеци се борев сам со себе дали да се согласам да учествувам во ова шоу. Сега сум среќен што ја донесов вистинската одлука. Тешко ми беше да одлучам кому ќе ја дадам наградата бидејќи, за жал, има многу луѓе на кои помошта им е неопходна. Семејството на кое ќе му ги дадам парите ме потсетува на моето детство – изјави Даниел веднаш по победата.

По завршувањето на шоуто Кајмакоски веднаш влегува во студио каде што ќе почне со снимање нови песни, а во наредниот период планира да формира група со која ќе почне да настапува.
Daniel-Kajmakoski-tlzp-r195-6

По информацијата дека Даниел Кајмаковски, победникот на оваа сезона на шоуто „Твоето лице звучи познато“, ќе ја донира наградата во висина од 25.000 евра на семејството Додевски од Куманово, мајката Јасмина со многу емоции ја примила веста. Тие не можеле да поверуваат дека македонската ѕвезда, од сите луѓе на кои им е потребен помош, ги одбрал токму нив за да им помогне.

Се работи за самохрана мајка на три деца, од кои две, Александар (7) и Мартина (10), боледуваат од иста болест, цироза на црниот дроб, за чиешто лекување се потребни 100.000 евра. Тие на сметката досега имаат само три илјади евра.

– Многу сме благодарни – кратко изјави мајката во телефонскиот разговор додавајќи дека не може да ја опише среќата и покрај сите проблеми со кои се соочува во овој многу тежок период во нивниот живот.

Болеста кај седумгодишниот Александар многу бргу напредува. Лекарите кажале дека доколку не се направи трансплантација на црниот дроб, може да се случи да откажат бубрезите. Јасмина Додевска е самохрана мајка на три деца. Невработена е, мора да се грижи за болните деца, а живеат со 13.000 денари месечно социјална помош како посебен додаток на деца. Се бори со болеста на двете деца, а вели дека сѐ додека има добри луѓе на светот, надежта нема да ја напушти.

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 195. број на неделникот „Република“, 27.05.2016)

Top