недела, 28 мај 2017 | Вести денес: 32 ново

Премиера на „Брачна игра“ со Весна Петрушевска и со Игор Џамбазов в недела во МНТ

„Брачна игра“ на Олби гарантира феноменално патување нив нервниот систем на Џилијан и Џек. Конфликт до коска! Тешки прашања се уште без одговори. Психоанализа до баналност! Трагика до комичност! Љубов до омраза! Брак до развод и назад! Феноменална забава, божем на туѓа сметка. Тоа е тоа! Џилијан и Џек, како Весна и Игор или Весна и Игор како Џилијан и Џек

В недела на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во 21 часот е закажана премиерата на дуо-драмата „Брачна игра“ од Едвард Олби. Режисер на претставата е Тони Михајловски, кој ќе дебитира како режисер, а улогите ги толкуваат Весна Петрушевска и Игор Џамбазов.

Џамбазов во 2007 година ја имаше последната премиера и тоа токму на сцената на МНТ.

Костимите за претставата ги изработи модното студио Елена Лука, сценограф е Илина Ангеловска, а музичката илустрација е на Џамбазов и на Петрушевска.

Извршен продуцент е Симона Угриновска, а продуцент е Виолета Дамевска – Ѓоргиева.

– Секој театар треба да ја содржи и да ја негува малата сцена, бидејќи таму се гледаат и се одвиваат големи драми. Токму таква е и претставата „Брачна игра“, претстава во која публиката ќе ужива во актерските мајстории на нашите ѕвезди. Ова е тандем што победува и МНТ долго ќе се радува на овој проект – изјави Дејан Пројковски, директор на националниот театар на Македонија.

Михајловски, кој е актер по професија, со „Брачна игра“ дебитира како режисер.

– Верувајте поголема ми е тремата сега како режисер, отколку како актер, кога спремам улога. Според мене, актерството и режијата одат рака под рака и треба да се изучуваат заедно. Отсекогаш ме привлекувала професијата режисер во која се гледа широката слика – изјави Михајловски, кој во МНТ ја извршува функцијата уметнички директор.

Михајловски е задоволен од работата со Петрушевска и со Џамбазов.

– Ова е претстава во која режисерот нема што многу да каже, туку повеќе кажуваат актерите со својата игра. Актерска или брачна игра, и двете ги има во оваа претстава – вели Михајловски.

Ова не е прв текст на Олби во кој игра Петрушевска. Таа во „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ го толкуваше ликот на Марта, а сега во „Брачна игра“ е Џилијан. Признава дека двата лика се сосема различни.

„Брачна игра“ на Олби гарантира феноменално патување нив нервниот систем на Џилијан и Џек. Конфликт до коска! Тешки прашања се уште без одговори. Психоанализа до баналност! Трагика до комичност! Љубов до омраза! Брак до развод и назад! Феноменална забава, божем на туѓа сметка. Тоа е тоа! Џилијан и Џек, како Весна и Игор или Весна и Игор како Џилијан и Џек.

Приказната е стара само 30 години и се однесува на една институција, брак. Преводот е на Петрушевска, а изборот на музика е на Џамбазов.

Направивме еден страстен љубовен пар, кој ја започнал љубовта на почетокот на времето на хипиците, па така ќе слушнете музика од Џон Ленон, Јоко Оно, Џим Морисон, па и „Пинк Флојд„, Џими Хендрикс, односно сите тие што им биле идоли на почитувачите на хипи-движењето – рече Џамбазов.

И тој и Петрушевска имаат по еден брак зад себе.

– Се обидовме да го играме бракот онака како што 90 отсто од луѓето го играат, со многу лаги и вистини, криенки. Многу сакав да се докажам на овие двајца алфа-мажјаци, Игор и Тони како единствена дама, но не бев поштедена од алфа-моментот – вели Петрушевска.

Генералната проба е в сабота, во недела во 21 часот е гала-премиерата, а в понеделник е втората премиера на „Брачна игра“. Цената на билетите за премиерата е 1.000 денари, а за втората премиера е 600 денари.

 

Top