недела, 19 ноември 2017 | Вести денес: 0 ново

Меркел: Ако не се заштитат границите на ЕУ, се заканува опасност од враќање на национализмот

Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика денеска европските лидери да ги заштитат надворешните граници на Европската унија, предупредувајќи ги дека во спротивно се заканува опасност од враќање на национализмот.

Одбраната на границите претставува „предизвик за иднината на Европа“ од Медитеранот до Северниот пол, изјави Меркел во Рим, на заедничката прес-конференција со италијанскиот премиер Матео Ренци, пренесува Танјуг.

Меркел истакна дека е загрозена слободата на движење во Европа, бидејќи континетот се бори со најлошата миграциска криза од Втората светска војна досега, а загрозена е и, како што додаде,  иднината на Шенген зоната.

Ренци, од своја страна, изјави дека Италија и Германија се силно против планот на Австрија да изгради ограда на својата граница со Италија.

– Изразивме целосно спротиставување, а на некој начин и шокираност од ставот кој го усвоија нашите австриски пријатели, истакна италијанскиот премиер.

Австрија соопшти дека планира да подигне ограда на преминот Бренер кој го дели со Италија со цел да ги „канализира“ луѓето, кој е еден од граничните премини кои имигрантите ги користат за патот кон северна Европа.

Ренци, кој стравува од повторното надоаѓање на мигранти во Италија, ја нагласи потребата од „стратегија за Африка“ по затворањето на балканската миграциска рута и постигнување на договор меѓу ЕУ и Турција со цел прекинување на приливот на луѓе кои доаѓаат преку Егејското Море.

– Важно е да се инвестира во Африка, заклучи италијанскиот премиер, порачувајќи дека Италија се залага за долготрајна стратегија и дека ЕУ мора да го преземе водството

Top