четврток, 24 август 2017 | Вести денес: 13 ново

Роберт Велјановски: Театарот е спор медиум, но има нешта што го прават многу возбудлив

robert veljanovski DramskiСо Роберт Велјановски, директорот  на Драмскиот театар Скопје разговаравме кога Драмскиот театар ја почна акцијата за подигнување на свеста за аерозагадувањето, преку доделувањето на бесплатен  билет за секој оној кој  ќе дојде со велосипед на претстава.

-Иницијативата ја покрена креативниот тим на Драмскиот театар. Ако треба некого да го пофалам во однос на овој сегмент, тоа е уметничкиот раководител Рубенс Муратовски. Повеќето од нас доаѓаат со велосипед во Драмски, а точно е дека аерозагаденоста во СКопје е на едно ниво коешто е на границата на толерантноста. Затоа се обидовме да направиме нешто за сопствениот град.

Ова е година кога се одбележа 50 години од Драмскиот театар, односно кога Драмско младинскиот театар се пресели во , тогаш, новиот објект во Карпош 2 во Скопје. Догодина се одбележува 70 годишнината од Драмскиот театар од почетокот. Што значат овие јубилеи и за актерите и за публиката?

-Овој период од година и малку повеќе, од март 2015 до април 2016 година, славиме два јубилеа, оној што го прославивме на 4 март годинава, тоа е 50 години од вселувањето во  тогаш новата барака на Драмскиот театар, донација за настраданите  во катастрофалниот земјотрес 1963 година. Британската влада донира средства со кои што се гради она што денеска сите го знаеме како Драмски театар Скопје. На 4 март 1965 година со претставата Богомилска балада е отворен театарот, пуштен е во употреба. Во таа зграда несомнено се случиле најголемите театарски отклонувања во минатиот век кои што се случиле во Македонија. Да не ги редам сите луѓе кои што работеле во театарот и како гости, режисери, сценографи, музичари, костимографи, но и луѓето кои што Драмски си ги создал како едно сопствено актерско јадро кои што остави сертиозен белег на македонското глумиштво.

На 21 април 2016 славиме 70 години од формирањето на Драмскиот театар, односно, ние влечеме корени од првата куклена претстава „Силјан Штркот“ која што ја режирал Петре Прличко во тогашниот Македонски народен театар во 1946 година. И ќе одбележиме еден голем јубилеј 70 години Драмски театар Скопје. подготовките се веќе започнати.

За жал не ни се погоди тајмингот, знаете на 25 се закажани избори, па можеби малку ќе го поместиме датумот. Не би сакал целата таа приказна за 70 години Драмски да мине во сенка на настани кои објективно ќе имаат поголемо внимание од медиумите.

Ги напоменавте моментите од политичките случувања. Состојбите во општеството, политиката не само во културата, како еден сегмент, се дел од јавните широки дебати во јавноста. Дали директно или преку социјалните мрежи. Актерите се дел од јавноста, учесници во тие дебати. Па има различни гледања на состојбите. Ја споменавте донацијата, сега се чека нов објект. Исто така донација е и Универзалната сала, каде се чека нов објект. Се вложува во нови објекти во театарската уметност, ако ги земеме како услови за работа, Театарот Комедија, објекти за Албанскиот театар, театрите во Велес, Струмица, Тетово. Но има замерки дека не се вложува во театарската уметност?    

-Би сакал на оваа тема да раздвоиме две работи. Прво што тоа било кој нас го користи за дневно политички потреби, а што објективно се прави и создава во државата. Да не заборавиме, од ослободувањето, 1946 година, ако ги изземеме бараките во Скопје- Драмски се уште  во барака, МНТ до скоро беше во барака која што ја наследи Театар Комедија, имавме изградено еден театар кој се викаше Театар на народностите и новата зграда на Македонската опера и балет. Во другите градови во републиката се градеа Домови на култура, кои беа „ни вода ни киселина“. Ни беа театар ниту за други услуги, притоа многу малку се вложуваше во нивно одржување, па забот на времето ги изеде. Да не ги набројувам сите објекти кои ги напоменавте, кои се почнати или се во фаза на почеток на градба, мислам дека во овој период се направени, во последните десет години се направени крупни исчекори во однос на некое планско создавање услови за, конкретно за театрите, за сериозно бавење со театарската уметност.

Да не се лажеме, ние до сега немавме сериозни услови за бавење со Театар, едноставно забот на времето си го направи своето. Ние техничко технолошки бевме заостанати 50 години. Во Драмскиот театар се уште имаме рефлектори од 1963 година.

Морам да напоменам дека лани добивме инвестиција од Министерството за култура oд 49,5 илјади евра во рефлектори, нови миксети тонски и светлосни, нови димери, така што горе-долу во тој сегмент сега сме стабилни…

Но, ако се направи споредба со новиот театар, старо-новиот театар во Скопје?

Неспоредливо е. Она што во новиот МНТ  може да се направи како театарска магија, ние во Драмскиот театар може да сонуваме. И да не се лажеме. Ние постојано тврдиме дека ни бега публиката дека се помалку публика имаме.. Некои показатели не го кажуваат тоа, но еве ќе го земем како факт. Кога ќе направите анализа ќе видите повеќе причини за тоа.

Првата е дека Театрите во Македонија многу малку гаат театар за деца и за младинци. Воспитувањето на театарската публика треба да почне малку порано од тоа ние што го правиме.

Второ, ако однесете несоодветна публика на некоја претстава, односно ако однесете ученици на некоја претстава која не е соодветна за нив, тие веќе нема да се вратат во театар.

И трета работа со која мора да се соочиме е дека живееме во еден поинаков век и време, од кога јас сум бил дете. Ако ќерка ми има пристап до 150 телевизии, неброени интернет страници каде мое да види се што ќе посака, гледа „Игра на тронови“ и што ли уште се не; вие, кога ќе дојдат во театар мора да им понудите некаква магија со која ќе ги привлечете.

Факт е тека театарот е спор медиум, но има нешта што го прават многу возбудлив. Во времето во кое живееме, ние мора да се стремиме да бидеме техничко- технолошки барем приближно до врвот за да се обидеме да ги инфицираме луѓето со театар. Не може да се занемари фактот дека во една секунда на телевизии се вртат пет слики, а доаѓате во театар каде не можете актерот да го видите затоа што нема доволно светло, рефлектори.

Токму од тие причини мислам дека овие напори што се прават допрва ќе донесат еден резултат. Кога ќе се отворат новите објекти на Турскиот театар, реконструираната зграда на Албанскиот театар, театарот во Тетово, во Струмица, Универзалната сала нема да ја коментирам, тоа е поинаков концепт и не е наменета за театар, Драмскиот театар… Мислам дека ќе бидеме на едно рамниште со кое што имаме шанса рамноправно да се мериме со се она што го прави Европа во театарот. Не мислам јас дека сме понеталентирани од европјаните, напротив многу сме поталентирани од нив, но едноставно сега „не победуваат“ заради техничко- технолошките можности кои сега не можеме да си ги дозволиме.

Ја споменав широката дебата во јавноста, во која учествува широк спектар на личности, особено поврзани со тетарската уметност, па и вие сте дел од неа. Во едно интервју посочувате „ за жал, се уште за лично мислење сте прогласуван за поинаков од оние кои имаат различен став од Вашиот“, а тоа го врзувате со непостоење на гранков, стручен синдикат.

Стручен синдикат нема затоа што актерите не може да се договорат. И тоа не е од денеска, ниту од вчера, туку влече корени многу оддамна.

Суети се во прашање?

Се разбира. Квалитетните луѓе имаат повисоки критериуми, понеквалитетните пониски. На некои луѓе им е  важно само да работат не и да заработат. Некои работат а не го заработуваат тоа… има 1000 причини зошто е тоа така.

Јас како актер говорам дека на македонскиот актер му е потребен синдикат. Вие видете што се случува на македонскиот филм. Јас се извинувам но, ако работите филм во САД, мора да сте член на синдикатот, или продуцентот треба на синдикатот да му исплати сума на пари.

Јас не мислам дека сите македонски актери или дека македонските актери се врв за во Холивуд , но не мислам дека цената на чинење на македонските актери или еден македонски актер е 150 пати помала од чинењето на било кој што ќе дојде во Македонија да снима филм.

Па ако ние како фела во Македонија не се организираме, тоа така ќе трае до недоглед.

Во однос на првиот дел на прашањето, дека сте осудуван за вашиот став, тоа денеска е многу нормална работа. Не може да помине ниту еден обичен Фејсбук статус дека е сончево. Јас имав едно многу непријатно искуство, бев обвинет за лажирање на македонската театарска историја.А се тргна од една многу благородна идеја.

Малкумина во Македонија сакаат да се бават со историјата. Една од моите тези зошто имаме „проблем“ со спомениците во главниот град е чувство за немање историчност. И сега не бомбардира и се соочуваме со нешто непознато за нас.

Тргнавме да направиме документарец од 45-50 минути за Драмски театар, но се испостави дека за театарот во 50 минути не може ништо да се каже. Се направи листа од преку 70 луѓе кои што на било кој начин биле поврзани во градењето на митот наречен Драмски театар. И почнавме со интервјуата и се случија седум документарци од по 50 минути. Во нив учествуваа луѓе кои работат во Драмски сега, кои работата режираат, млади луѓе па во еен момент бев обвинет како тоа сум се дрзнал да правам нешто што е историја на Драмски театар. Притоа не го правев јас, а беа вклучени 70 луѓе од сите генерации. Не можете да правите документарен филм за Драмски а да не го викнете Ристо Стефановски кој што е еден од луѓето кои што ги поставиле темелите на Драмски театар. Некој погледнал сегмент од тоа, за жал, бев обвинет и имав непријатна Фејсбук преписка, и тоа беше чудо.

Во такви услови, ако се земе дека театарот како медиум е рефлексија и коректор на општеството, колку е тоа возможно?

Апсолутно е возможно. Одговорно ви тврдам.  Јас сум три години директор. Говорам само за Драмски театар, како политика на Драмски театар. Во драмски театар на интерен оглас може да се јави секој со предлог претстава што би можел да работи од претстава. Потоа уметничкиот раководител и уметничкиот совет на Драмски од тие апликации му предлагаат на директорот што да предложи како предлог програма во министерството за култура.

Ниеден човек во Драмски не бил вратен со негова апликација, без разлика на етничка, политичка, верска, сексуална или била која припадност. Тоа нас не не интересира, ние се бавиме со уметност.

Кога министерството преку комисијата за драмска дејност ќе ги објави резултатите од конкурсот, во драмскиот театар, јас ви тврдам, па најдете некој што ќе ви го тврди спротивното, кога ќе почне режисерот да ја работи претставата има апсолутно авторска слобода да го каже тоа што сака да го каже со претставата.

Никогаш во животот ниту ми текнало ниту сум нити имам намера да појдам и да интервенирам за било какво решение. А имало решенија, кои што во најмала рака за мој вкус, во најмала рака, се дегутантни. Така што Драмскиот театар не се бави со политика, туку со уметност. И секој од авторите има право да го каже своето мислење преку едно уметничко дело.

Се подготвувате ли за прославите, има ли нешто да најавите?

Работиме две претстави, едната е „Библијата“ на режисерот Срѓан Јанакиевиќ, премиерата е закажана за 8 декември, за ден Свети Климент, мислам ќе соодветствува со празникот.

Втората премиера закажана меѓу 23 и 25 декември е  „Јов“  на Сашо Миленковски работена по текст на Венко Андоновски, некако  случајно се надоврзаа две библиски теми иако текстот на Андоновски само црпи мотиви од Библијата, ќе биде една многу современа претстава.

Работиме уште една копродукциска претстава, „Госпоѓица Јулија“ со театар Фабрика, тоа треба да излезе некаде до  средината на декември.

Во однос на одбележувањата, работиме на собирање на материјали за издавање на една монографија 70 години Драмски театар, со 333 страници, колку што има седишта театарот.

Концептот за претставата со која ќе го чествуваме 70 години Драмски театар, ако добиеме одобрение од комисијата во Министерството за култура, затоа нема ниту да го споменам насловот на претставата која сакаме да ја работиме, меѓутоа се работи за една фрагментарна драматургија во која што ќе ја врзуваме за најдобрите претстави на Драмскиот театар како цитатна постапка, дали на ниво на костим или на ниво на сценографија или на музика,  ќе се обидеме да ја врземе така,  со се она што оставило сериозен белег во Драмскиот театар, а има такви колку сакате претстави во Драмски, кој е еден од најнаградуваните театри во Македонија.

Паралелно се работи на проектот на новиот објект, јас учествувам во изработката на ниво на идеи, на функционалноста, на поставеноста на нештата и мислам дека сме на одличен пат да добиеме еден извонредно функционален објект.

Top