недела, 23 јули 2017 | Вести денес: 34 ново

МНТ со „Животот на Молиер“ гостува на фестивал во Црна Гора

Во рамки на јубилејното десето издание на Медитеранскиот театарски фестивал „Пургаторије“ во Тиват, Црна Гора, Македонскиот народен театар ќе ја изведе претставата „Животот на Молиер“ од авторот Михаил Булгаков, а во режија на Александар Поповски.

Фестивалот се одржува од 25 јуни до 10 септември и е еден од најзначајните во регионот. Во 75-те фестивалски денови ќе бидат опфатени 95 настани, театарски претстави, концерти, ликовни изложби и документарни филмови.

Македонскиот народен театар претставата „Животот на Молиер“ пред црногорската публика ќе ја изведе на 7 јули со почеток во 21,30 часот.

Покрај МНТ, учество ќе земат и театрите: Позориште на Теразијама – Белград и Пропаст доо Кетрин со „Мама миа!“, во режија на Југ Радивојевиќ; ХНК – Ријека со „Животинска фарма“, во режија на Андраш Урбан; Центар за култура – Тиват (фестивалска продукција) со „Хасанагиница“, во режија на Јагош Марковиќ; ХКД – Ријека со „Александра Зец“, авторски проект на Оливер Фрљиќ; Атеље 212 – Белград со „Казимир и Каролина“, во режија на Снежана Тришиќ и ЈДР – Белград со „Разбијени крчаг“, во режија на Игор Вук Торбица.

Top