четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 46 ново

Канческа-Милевска во посета на Спомен куќата на Страшо Пинџур

канцевска

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска ја посети реновираната и обновена Спомен куќа на народниот херој Страшо Пинџур во кавадаречкото село Ваташа, проект реализиран од Музејот од Кавадарци.

– Заедно со локалната самоуправа издвоивме средства да се реновира и реставрира спомен куќата на Страшо Пинџур,  која што е заштитена со закон како споменик на културата. Целта беше да се задржи автентичниот изглед на самата куќа,  така да целосната реставрација и реновирање имаше неколку делови. Тоа е целосно обновување на кровната констукција, фасадата партерното уредување, поставување на ограда. Исто така, преуредување на самата поставка во спомен куќата со надополнување со нови 40 фотографии – изјави министерката Канческа-Милевска.

Еден од приоритетите на Министерството за култура, нагласи таа, е токму локалниот културен развој.

– Независно дали станува збор за национална или локална институција од областа на културата се трудиме да дадиме поддршка. Сепак, Кавадарци е историски град со многу значајни личности кои оставиле белег во историскиот развојот на градот – рече таа.

Задоволство од реконструкцијата на Спомен куќата изрази и директорот на музеј галеријата Патре Камчевски.

– Најпрво беше  сменета комплетната покривна конструкција на музејот и помошната просторија. Беше извршена и обнова и дополнување со нови документи на постојаната поставка во самата музеј-куќа со нови четириесетина документи, а на постојните им беше продолжен векот на траење. Беше извршена хидрозаштита на објектот а  заштитени беа и сите дрвени столбови и греди кои го карактеризираат  македонскиот стил на градба на куќи – соопшти Камчевски.

Најголем дел од средствата ги обезбеди општина Кавадарци, а еден дел од финансиите  се обезбедени и од Министерството за култура.

– Битно е што овој значаен културно историски објект од нашето историско минато, инаку заштитен од државата,  е доведен во одлична состојба и ширум ги отвара вратите за сите посетители – нагласи Канчевска.

По иницијатива на Музеј-галеријата, а со финансиска поддршка на Министерството за култура и Локалната самоуправа, под стручен надзор на стручните  екипи на Националниот конзеравторски центар Скопје, беше извршена реставрацијата и реновирањето на Спомен-куќата на народниот херој Страшо Пинџур во селото Ваташа.

Согласно проектот изготвен од  архитектот Гордана Белевска-Мустафа,  зачуван е автентичниот изглед на куќата на овој значаен културно – историски споменик. За таа цел  извршена е замена на целата покривна конструкција на куќата и на помошните простории, поставена е вертикална хидроизолација покрај темелите, малтерисани се сите ѕидови, а поставена е и метална ограда на јужната страна на дворот. Реновирањето опфати и промена на старите оштетени врати и фарбање на фасадата, како и целосно партерно уредување.

Со ова се овозможи зачувување на автентичниот изглед на куќата на народниот херој Страшо Пинџур, која е еден од најпосетените историски споменици во општина Кавадарци. Со тоа објектот е целосно достапен за посетителите кои ќе имаат можност да се запознаат со делото на еден од најистакнатите македонски револуционери од времето на НОБ.

Спомен-куќата на народниот херој Страшо Пинџур е споменик на културата заштитена со закон. Прв пат таа е адаптирана во музеј во 1958 година, а во 1976 година е целосно реновирана и по повод празникот „7 Септември“, денот на ослободувањето на Кавадарци свечено е пуштена во употреба како меморијален спомен-музеј во која е сместена  и  историска поставка за животот и делото на еден од великаните на македонското револуционерно движење, Страшо Пинџур.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top