сабота, 23 јуни 2018 | Вести денес: 25 ново

Старите половни возила нема да може да се регистрираат?

Владата сериозно ја разгледува опцијата како да ја ограничи употребата на возилата кои имаат мотор од стандардот Еуро 2, јави телевизија Алсат М. Тоа се возила стари 20-тина години,за кои пред четири и пол години беше дозволен увозот, по што во државава влегоа над 150 илјади вакви автомобили.

– Во Владата се разгледуваат сите опции за рестрикција на старите возила и откако ќе се анализираат сите околности ќе излеземе со конкретна информација за тоа кои ќе бидат насоките за ова прашање, ја пренесе телевизијата изјавата на Нурхан Изеири, министер за животна средина и просторно планирање.

Според Алсат М, една од опциите е воведување обврска за вградување нов катализатор, кој би ја намалил емисијата на штетни гасови на ниво на стандардот Еуро 4.

Друга опција е евентуално да се даде временски рок до кога ќе може да се регистрираат овие возила, по кој нема да може да се возат. Има уште една опција, а таа е да се ограничи можноста, овие возила да се возат во централните градски подрачја.

Неодамна Владата го скрати рокот за увоз на половни возила со стандард понизок од Еуро 4. Возилата со Еуро 2 сега можат да се увезуваат до крајот на годинава, наместо до февруари 2016 година, а со Еуростандард 3 до средината на идната година. Од 1 јули наредната година ќе биде дозволен увоз на возила со стандард на моторот Еуро 4.

Со еуростандард 2 се речи си сите автомобили произведени пред 2000 година. Во Македонија најмногу се возат Фолксвагени од типот Пасат и Голф 4, како и Мерцедеси од класата Ц. Сите овие автомобили, кои според проценките се над една третина од вкупно увезениот возен парк, доколку се изменат регулативите нема да може да се возат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top