петок, 20 јануари 2017 | Вести денес: 102 ново

Подарок во плик – хит на македонските свадби што ги револтира гостите

Подарок во плик – ова сè почесто е испишано на поканите за свадба. Иако порано се практикуваше на поблиските да им кажеш што сакаш за подарок или да им посочиш дека би било добро доколку се во можност да ти дадат пари место да купуваат подарок, денеска многу млади се решаваат на сите гости да им наложат да донесат пари во плик. Кого и да прашате, ќе каже – јас тоа никогаш не би го направил/а, a, сепак, сè почесто се делат покани за свадба со „наредба“ подарокот да биде во плик.

Досега не сум добила ваква покана, а ако добијам би размислила дали ќе отидам на свадбата. Тоа подарок во плик ми изгледа како наредба. Работава е или донеси ми пари или не ми доаѓај на свадба. Јас следната година ќе правам свадба. На поканите нема да напишам подарок во плик. Кој може нека ми донесе. Сум била на малку свадби, ама на сите сме носеле пари како подарок. Така ни било најдобро. Подобро е да се однесат пари отколку подарок. Парите ќе се најдат за средување на домот или за купување на некој апарат за домаќинство, а подароците можно е да се повторат. Сепак, кој колку може – ова е дел од разговорите на македонските форуми.

Некои ја објаснуваат причината поради која се решиле на ваков чекор. Велат често се добива подароци што се неупотребливи, се удвојуваат работи, или, пак, едноставно тоа што го добиле не можат да го вклопат со ентериерот дома.

На нашата свадба, на поканата пишуваше „по можност, подарок во плик“ од проста причина што живееме во стан и ги имаме сите нешта што ни требаат, ако ми донесеа подароци ќе се чудев каде да ги ставам, а и којзнае што од тоа ќе искористев. Инаку ,сепак, и да ми донесеа подароци, што не се во плик, немаше да бидам навредена бидејќи „секој си ги пружа нозете колку што му е чергата“ како што вели една народна поговорка. Инаку на свадба најубаво ми е да однесам пари, па младенците нека си купат што сакаат.

Многу млади се револтирани од подароците што ги добиле. Велат дека се работи за луѓе, кои, можат да си дозволат да донесат повреден подарок, а сепак се решаваат на свадба да дојдат со комплет филџани за кафе.

Кога одам на свадба внимавам подарокот да вреди повеќе од порциите што би ги потрошиле младенците за нас. И кога давам пари во плик, гледам сумата да биде повисока од вредноста на порциите. Сепак, кај поблиските повеќе ми одговара да однесам подарок што би го купила на рати. Тешко можам да одвојам 150 евра за подарок, но можам да го сторам тоа ако го поделам на неколку месечни рати. Затоа и ме иритира тоа нагласување – подарок во плик – вели педесетгодишната Лидија.

Други, пак, коментираат дека барањето да се даде подарок во плик е навредливо, поради што не одат на свадби на кои е нагласено што да се однесе на младенците.

Навредливо. Сите сме свесни дека на секој му требаат пари, но секој со своите можности, нели. И мене ми доаѓа на ваква покана за инает да однесам некој кич подарок, евтин или воопшто да не отидам на свадба. Кога се работи за младенци што не ми се блиски ја бојкотирам свадбата – коментира една девојка на еден од македонските форуми.

Прашањето е што ги натера младите да нагласуваат дека сакаат подарок во плик. Едни велат дека им се потребни пари за да уредат дома така како што тие сакаат, други, пак, решиле да живеат во заедница, па апарати за домаќинство веќе имаат. Трети пак се соочиле со проблем кога на некој близок во семејството им бил донесен безвреден подарок, па за својата свадба решиле да ги намалат ваквите работи.

Јас сум за подарок во плик. Поканетиот, секако, треба да даде пари за подарок,  вака нека ги даде тие пари што планирал да ги даде и нека си купат младите што сакаат. Моите родители секогаш кога одевме на свадба кај блиски родини купуваа скапи подароци. Кога дојде мојата свадба, блиски роднини ни донесоа подарок што го добиле, а не го ни отвориле. Во кутијата внатре имаше ставено писмо со желби и со име на тие од кои го добиле подарокот – коментира млада девојка на македонските форуми.

Револтирани од барањето на младите, некои се решаваат за еден уште понелогичен чекор – да однесат плик, ама празен.

Братучедка ми нагласи на поканата дека сака подарок в плик. Следниот ден по свадба отидовме на блага ракија. Беше бесна – добила десет празни пликови – пишува друга корисничка на македонските форуми.

Поучени од свадбата на првиот син, едно скопско семејство се решило за друг чекор – по еден од роднините на младоженецот и невестата да седи зад младите за време на приемот на гостите и да пишува на секој плик што го донел. Така би знаеле кому да му однесат празна кутија за подарок.

Повеќето сметаат дека практиката од запад е прифатлива – младите да имаат направено селекција на подароци што би сакале да ги добијат, па секој да си одбере што може и сака од тоа да донесе.

Тоа е сосема во ред. Во еден маркет за бела техника се прави селекција на подароци и секој би избрал што би им купил од тоа што го сакаат. Имаш можност да избираш по вредност, да плаќаш на рати и да однесеш нешто што знаеш дека ќе им биде корисно – коментираат корисниците на форумите.

 

 

Top