четврток, 21 септември 2017 | Вести денес: 91 ново

Македонците успешни на Робомак 2014

Борби на сумо роботи, трки, натпревар во играње и во прецизност беа претставени на синоќешниот натпревар RoboMac 2014.

Финалето на натпреварот се одржа во Домот на АРМ, на кое учествуваа 100 студенти (66 од македонските технички факултети) и 34 студенти од различни европски држави – Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Турција, Грција, Унгарија, Полска, Шпанија, Италија, Латвија, Романија.

RoboMac меѓународниот натпревар за роботика, програмирање и вештачка интелигенција го организираа IEEE – SBM, ЕЕСТЕК ЛК Скопје и СПФЕИТ, a домаќин на настанот, како и секоја година, беше Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Студентскиот огранок на Македонската секција на IEEE ја доби наградата „Darrel Chong Student Activity Award“, што, всушност, претставува признание за RoboMac од светската организација IEEE, објаснува Маја Целеска, претседател на студентскиот огранок на Македонската секција на IEEE.

“Огромно задоволство беше да се прими награда од најголемата светска организација за инженери – IEEE, која во RoboMac препозна настан достоен за едно вакво признание. Впрочем, наградата заедно со задоволните учесници се поттик наредната година да се организира настанот на едно академски покомплекснои повисоко ниво“, вели Целеска.

Преку овој настан се овозможува студентите, практично, да се запознаат со најновите технолошки постигнувања во светот.

„Со овој настан овозможивме студентите да се запознаат со најновите технолошки достигнувања во роботиката и вештачката интелигенција. Исто така, практично, овозможивме студентите да ги применат своите програмерски знаења. Македонските студенти работеа во интернационални тимови и на овој начин, ги проширија своите видици, размислуваа глобално и разменуваа идеи, искуства и знаења“, објаснува Емилија Симоновска, главен организатор на настанот од ЕЕСТЕК ЛК Скопје.

RoboMac2014 година претставува микс на знаење и практично искуство во областа на роботиката, можност за заедничка работа на македонски и студенти од цела Европа.

„Предавањата на кои учествуваме на RoboMac 2014 ги дополнија и подобрија нашите знаења во роботиката. Ова, дефинитивно, беше најинтересниот настан, иако досега сум бил на слични настани низ Европа. Работевме тимски, запознав нови колеги од цела Европа, го зголемив моето искуство“, вели Пати Рамос, учесник од Шпанија и еден од наградените студенти.

Своето знаење и вештини студентите ги покажаа во различни категории. Сумо роботите беа програмирани да го истуркаат противничкиот робот надвор од рингот. Категоријата Роботска рака, всушност, претставува механичка рака која ги симулира движењата на човековата рака и прецизно и брзо извршува зададени задачи. Хуманоидите или човеколиките роботи изведуваа комплексни и природни движења според одредена кореографија на музика. Некои роботи се тркаа на одредена линија, а други има обврска да погодат вистинската мета, да следат одредена линија и да детектираат различна боја.

 

Top