сабота, 18 август 2018 | Вести денес: 0 ново

Корупциски скандал во полската влада – притворени 40 лица

Полските владини институции ги тресе најголем корупциски скандал во последните 24 години поради сомнителни тендери за набавка на информатичка технологија во вредност од околу половина милијарда евра, јави МИА.

Според полицијата, осомничени се околу 40 луѓе од неколку министерства и приватни компании. Според полските медиуми, можно е бројката на уапсени да достигне и 200 лица. Меѓу уапсените е и шефот на Центарот за јавни набавки, Анджеј М., кој е осомничен за примање поткуп, и тоа огромна сума пари, автомобили, па дури и станови. Тој бил поврзан со луѓе од сите владини институции кои биле одговорни за набавки на предмети од информатичката област.

– Пари примале сите што биле во оваа дејност, а поткупувале сите кои сакале да ги добијат државните тендери – соопштија од полицијата. Корупциската мрежа била развиена до тој степен што вработените што не се согласувале со нелегалните дејствија биле распоредувани на пониски работни места, а биле принудени да потпишат дека нема да даваат изјави во врска со тоа.

– За ветување пониски казни или повлекување на обвинението се јавуваат сѐ повеќе сведоци меѓу државните службеници – објави полицијата.

Полската опозиција ја искритикува Владата за молчењето во врска со најновата полициска акција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top