петок, 22 септември 2017 | Вести денес: 0 ново

Скопската чаршија лежи на Јустинијана Прима

bezisten-skopje-carsija

Загубениот град Јустинијана Прима веројатно се наоѓа под Старата скопска чаршија, вели археологот Kиро Ристов, кустос-советник во Музејот на град Скопје, во разговор за Дневник.

Toa може да се потврди ако теренот се истражи, иако во археолошката наука, со децении се спротивставуваат две тези за таканаречената балканска Атлантида. Едната е дека се наоѓа на локалитетот Царичин Град, кај Лебане, Србија, втората дека е близу Скопје. При неодамнешно патување во Србија, неколкумина кустоси низ музејски поставки и археолози го спомнаа Јустинијан, а како негово родно место го посочија токму Царичин Град, односно Јустинијана Прима.

Ристов долги години ја истражуваше доцноантичката населба Таурисиум, кај скопското село Таор, каде што историографот Прокопиус запишал дека е роден Јустинијан Први (482 – 565), големиот император на Источното Римско Царство.

– Родното место на Јустинијан не е Јустинијана Прима, туку Тауресиум. Од Прокопиус знаеме дека тој ја направил Јустинијана Прима во близина на своето родно место. Според неговите кажувања, знаеме дека градот имал големи улици, убави згради и објекти. Но, дека Царичин Град е родното место на Јустиунијан не држи вода. Цел свет знае дека е роден во Тауресиум, кој не може да биде на исто место со претпоставките за Јустинијана Прима. Тоа се два различни поима, топонима. И едниот и другиот се влезени во историските списи, првиот како негово родно место, вториот како град што му го посветил на родното место – вели Ристов.

Според него, додека не се најде цврст доказ за локацијата на мистериозниот град, секој научник ќе ја тврди својата теорија. Тој беше дел од екипата што неколку години интензивно го истражуваше скопското Kале. Од ископувањата не добија резултати дека таму би можело да биде Јустинијана Прима бидејќи пронајдоа малку остатоци од доцноримскиот период. Освен тоа, и тој локалитет е на височинка.

Top